Апасиев бара редовни јавни сослушувања во Собранието пред назначување на некоја висока државна функција

„Ви тврдам дека 2/3 од актуелните уставни судии вака јавно да ги распрашаме за Европската конвенција за човекови права на Советот на Европа и за ЕСЧП - ќе почнат да ни раскажуваат за убавините на градот Стразбур, кога биле на некоја екскурзија, службено“, порача Апасиев

од Nikola Popovski
15 прегледи

Откако Џихан Ахмед ја повлече својата кандидатура за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, откако нејзиното сослушување во Собранието предизвика бурни реакции во јавноста и остри критики од граѓанскиот сектор, дел од политичката јавност бара ваквите јавни сослушувања во Парламентот да станат пракса.

Според лидерот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев, ваквата пракса треба да ја има, особено при изборот на уставните судии.

„Гледате како после јавната бламажа на анонимната кандидатка за член на Антидискриминаторската комисија – која покажа елементарно непознавање на материјата, па кога беше прашана за Истанбулската конвенција, зборуваше за убавините на градот Истанбул (!?) – истата ја повлече својата кандидатура под притисок на стручната фела и јавноста“, објави Апасиев и додава:

„Ви тврдам дека 2/3 од актуелните уставни судии вака јавно да ги распрашаме за Европската конвенција за човекови права на Советот на Европа и за Европскиот суд за човекови права – ќе почнат да ни раскажуваат за убавините на градот Стразбур, кога биле на некоја екскурзија, службено“.