Апасиев за Груби: „Сам се пријавил ама од бегство“ е најновиот правен изум измислен вчера

„Ги молам колегите професори по кривично право веднаш да го патентираат и да го публикуваат во некој труд“, побара лидерот на Левица

од Nikola Popovski
44 прегледи

Лидерот на Левица и професор, Димитар Апасиев ја коментираше одлуката за случајот со Артан Груби. Ова следува откако Кривичниот суд одреди куќен притвор за Груби, со 24-часовен надзор и одземање на патната исправа, по предлог на обвинителството и одбраната.

„САМ СЕ ПРИЈАВИЛ, АМА ОД БЕГСТВО“ е најновиот правен изум, нечуен и невиден досега уште од Римското право, а успешно измислен вчера (од страна на предметниот обвинител и судија во случајот со Артан Груби). Ги молам колегите професори по кривично право веднаш да го патентираат и да го публикуваат во некој труд со импакт-фактор. Ќе им треба за реизбор, по новите критериуми на министерката“, стои во пораката на Апасиев.

Пред да биде изведен пред судија на претходна постапка, Груби вчера беше на речиси шестчасовен распит во скопското Обвинителство. Предлогот за поблага мерка за обезбедување го образложуваат со неговото доброволно пријавување пред органите на прогонот, но и поради тоа што во затворското притворското одделение, не можела да се гарантира неговата лична безбедност.

„По однос на мерките за обезбедување на присуство на второосомничениот во понатамошниот тек на постапката Основното јавно обвинителство Скопје предложи замена на мерката притвор со мерка куќен притвор и одземање на патна исправа, имајќи го во предвид фактот во најголем дел се обезбедени доказите во текот на постапката, дека истиот доброволно се пријавил на органите на прогонот, како и дека постојат индиции дека во притворското одделение не може да се гарантира неговата лична безбедност, кои индиции се поткрепени со известувања од надлежните органи. Исто така индициите за загрозената безбедност се однесуваат и на членовите на неговото семејство“, стоеше во соопштението на Обвинителството.

Слични содржини