Апелациониот суд Скопје, во интерес на јавноста и медиумите, информира дека постапувајќи по кривичниот предмет за убиството на ракометарот Денис Тот, а по одржана Јавна седница на 15.05.2023 година, донесе пресуда со која жалбата на обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски е одбиена како неоснована, додека жалбите на обвинетите Андреј Костовски и Клементина Лефковска се делумно уважени, на начин што пресудата на Основниот кривичен суд, се преиначува и по однос на досудениот износ на име нематеријална штета и обвинетите се задолжени, солидарно, на мајката на починатиот Денис Тот, Т.Т., да и исплатат 4.000.000 денари.
Идентичен износ ќе треба да му се исплати и на И.Т., татко на починатиот, додека на Б.Т., брат на покојниот, му е досудена исплата на име нематеријална штета во висина од 3.000.000 денари. Согласно пресудата при исплатата ќе биде пресметана и законска казнена камата од денот на донесување на првостепената пресуда.
Апелациониот суд Скопје ја потсетува јавноста дека со првостепената пресуда за убиството на Денис Тот, обвинетите А.Ѓ. и К.Л. ги осуди на по 18 години затвор, а третообвинетиот А.К. на казна затвор казна во траење од 16 години, во кој дел првостепената пресуда овој суд ја потврди.
Дваесет и седумгодишниот Тот, кој настапуваше за македонскиот суперлигаш Бутел, почина на 8 април годинава откако бил претепан пред ноќен клуб во Градски парк. Ден подоцна, Обвинителството објави дека за неговото убиство се осомничени Ѓорѓиевски (28), Левковска (19) и Костовски (22), кои по кратка вербална расправија го нападнале Тот и му задале повеќе удари со боксови и клоци. Тот притоа паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест. Тројцата продолжиле да го удираат по главата и потоа, без да му укажат помош, заминале од местото на настанот.