Премиерот Зоран Заев денеска го даде одговорот кој го чекаат скопјани – на Дрисла нема радио-активен отпад!

Одговарајќи на новинарски прашања денеска тој во Собранието изјави дека бил сигурен дека не станувало збор за никаква радиоактивност. На прашањето дали има радио-активен отпад на Дрисла тој рече:
“Верувајте ми, не. Ако има такви работи, веднаш ќе интервенираме. Јас знам дека градоначалникот на Скопје ги прави, заедно со правните тимови, сите анализи на договорот, правно – формалниот дел на договорот, кој што е должен да ме информира, заради тоа што се работи за странска инвестиција во Република Македонија. Ние досега сме имале само информации, повеќе преку медиумите, заради тоа што немавме увид во архивите на Градот Скопје. После таа анализа, ние ќе го соопштиме на граѓаните правно – формалниот дел. Апсолутно не станува збор за никаква радиоактивност или недозволиви, штетни работи, кои што се однесуваат на штета на граѓаните. Апсолутно не.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов во интервју за ТВ 24вести пак рече дека се испитувало работењето на депонијата, бидејќи има индиции дека се правени криминални дејствија и дека е согоруван радиоактивен отпад.
Изјави деманти или потврда на овие информации од експертската и научната јавност, врз основа на направени анализи засега нема . Единствено потврдија дека услови и опрема за согорување нема од Дирекцијата за радијациона сигурност, а дали на црно тоа се правело треба да се провери и измери.
Според директор на Дирекцијата за радијациона сигурност на Македонија Светислав Ѓорѓевиќ, на оваа депонија сигурно нема услови за горење на радиоактивен отпад.
„Радиоактивен отпад не може да се уништи или да се гори, бидејќи за да се распадне со горење потребно е да се гори на многу високи температури. Кај нас нема услови за тоа и секое тврдење дека на Дрисла се гори радиоактивен отпад е шпекулација. Овој отпад може да се складира и да се чува додека самиот не се распадне, во зависност од периодот на полураспаѓање. Еден вид радиоактивен отпад се распаѓа за еден час, други пак за триесет години“, вели Ѓорѓевиќ.