Апсењето на Tемелко било законско, одлучи Врховниот суд

од Vladimir Zorba
130 прегледи

Кривичниот совет на Врховниот суд, составен од петмина врховни судии, одлучил дека лишувањето од слобода на осомничениот градоначалник на Пустец Едмонд Темелко на 12 февруари лани, на барање на Специјалното јавно обвинителство, било законско. Одлуката ќе биде потпишана и објавена следните денови, пренесува Сакамдакажам.

Затоа Кривичниот суд потоа не одобри мерка притвор за Едмонд Темелко, еден од главните осомничени во првата и најобемна истрага што ја поведе СЈО по број на осомничени. „Титаник“ се однесува на сомневања за изборни нерегуларности вршени во 2013 година.

Специјалната обвинителка Катица Јанева во рана фаза од постапката побарала Врховниот суд да пресече дали обвинителот од СЈО бил во право во случајот со приведувањето на Темелко, или пак Кривичниот суд, кој тврди дека осомничениот незаконски бил лишен од слобода.

Темелко е еден од главните осомничени во најобемната истрага на СЈО, која е при крај и за која ова обвинителство најави обвинение. Во „Титаник“ е осомничен дел од највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ, членови на Извршниот комитет на партијата, но осомничени беа и 4 членови на ДИК, пет судии од Управниот суд, членови на Општинската изборна комисија Чаир, а пред околу еден месец, СЈО ја прошири истрагата за уште 17 лица. Темелко се жалеше дека бил уапсен во неговата куќа во Ресен.

Одлуката за Темелко е по Барање заштита на законитоста на постапката поднесено токму од СЈО, кое од Основниот суд Скопје 1 и од одбраната на осомничениот, беше критикувано дека издало законски непоткрепен налог за негово лишување од слобода.