Апсењето на новинарот Салиу е последица на напад на полициски службеници, тврди Тошковски

од Vladimir Zorba
204 прегледи

Во однос на приведувањето на лицето Ф.С. од Скопје ја информирам јавноста дека истото е последица на извршен напад на полициски службеници, припадници на Единицата за брзо распоредување кои биле ангажирани за одржување на јавен ред и мир на фудбалски натпревар кој бил оценет како натпревар со безбедносен ризик, а кои во моментот на напад од наведеното лице интервенирале бидејќи дошло до обид домашната публика да се пресмета со гостинските играчи, соопшти техничкиот МВР, Панче Тошковски.

„По приведувањето на лицето Ф.С. извршен е преглед на автомобил во негова сопственост и во истиот е пронајден пиштол. Од страна на полициски службеници истиот е приведен во полициска станица каде ќе биде извршен разговор и ќе бидат преземени сите потребни мерки и активности за целосно расчистување и документирање на настанот.

Сакам да истакнам дека ја разбирам загриженоста на Здружението на новинари и Синдикатот на новинарите, но МВР мора да постапува еднакво кон секој кој ќе нападне полициски службеник, согласно утврдените законски процедури. Како министер досега покажав дека се залагам за транспарентност и отчетност за работењето на МВР и така ќе остане, но законите во државата мора да важат за сите подеднакво.

Во тој контекст ги повикувам политичките партии, здруженија, синдикати и сите други релевантни фактори да се воздржат од давање изјави и соопштенија со кои се врши притисок кон полицијата и да остават полициските службеници професионално да си ја завршат својата работа, без политика и исклучиво во согласност со Законот. Јавноста ќе биде целосно информирана за сите детали поврзани со овој случај веднаш по завршувањето на истрагата“, додава тој.

Слични содржини