Апсолутен победник и апсолутна власт: „Ако не ги спроведеме реформските приоритети и ако не го откочиме проблемот со Бугарија, ќе нè претркаат и Србија и БиХ на патот кон ЕУ“

„Црна Гора и Албанија нè претркаа, да не дозволиме и Србија и БиХ“: Што носи апсолутната власт на ВМРО-ДПМНЕ во однос на евроинтеграциите?

од Nikola Popovski
43 прегледи Фото: Официјален Фејсбук профил на Христијан Мицкоски

ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на локалните избори, освојувајќи 54 општини и Градот Скопје. Ваквите резултати се потврда дека граѓаните ја препознале искрената намера на партијата да ја обнови државата, децидни се во владејачката партија. Со тоа терминот „апсолутен победник“ во апсолутна смисла значи – апсолутна власт, со оглед дека веќе ја имаат централната и претседателската. Оттаму се поставува прашањето, што со толку многу политичка моќ во свои раце?

За дел од јавноста, тоа е резултат на мислењето на граѓаните, но позната е изреката „власта има тенденција да корумпира, а апсолутната – апсолутно“. Според политичкиот аналитичар, Сефер Селими, и во минатото сме имале вакви пракси и случаи и сите сме сведоци дека нашите политички елити не се доволно зрели за толкава политичка моќ, концентрирана на само еден човек. Тој очекува за скоро време да почнеме да ги чувствуваме и последиците од таквата моќ.

-Мислам дека оваа Влада прави сериозна грешка со непочнување на преговорите на ЕУ. Како држава, не сме во позиција да опстојуваме сами во регионот или да се придружиме кон БиХ или Србија кои имаат сериозни проблеми. Не е добро друштво за Македонија. ЕУ секогаш била столб на сплотување на граѓаните и евроскептицизмот кој го храни оваа Влада, не прави добро на општеството и државата. ЕУ е сериозен и моќен двигател на промени во општеството. Секое остапување од европскиот пат нанесува штета. Изгледа дека Владата не е подготвена да потроши политички капитал за да го откочи процесот. Тоа лошо ќе влијае врз економијата и политички ќе се одрази, посочува Селими во разговор за „Локално“ околу тоа дали по последниот Извештај на ЕК и оценките, Македонија ќе се чувствува „поудобно“ во друштво на Србија и Босна и Херцеговина, отколку во друштво на Црна Гора и Албанија…

Сефер Селими/Фото: Фејсбук

Вицепремиерот и член на владиниот партнер, Арбен Фетаи вчера рече дека Владата не се откажува од уставните измени и европската агенда. Сепак, ставот на соговорникот е дека партиите од албанскиот блок кои се дел од владиниот кабинет, немаат голем фактор во ваквата одлука.

-Албанските партии во Владата немаат голема моќ ниту јасен став врз основа на уставните измени за европскиот пат. Тие не можат да направат притисок врз премиерот Мицкоски туку само можат да ја следат неговата агенда. Оттука не очекувам дека албанскиот политички фактор би можел да изврши притисок или да биде мотиватор за продолжување на европскиот пат. Тоа се само политички флоскули со цел да се оправда пре своите гласачи и да си ги чува позициите во власта, оценува Селими.

При апсолутна власт, се поставува прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ може да посегне по „Преспанскиот договор“ и „Договорот за добрососедство“, со оглед дека пред повеќе од една година, добија многу гласови со тие ветувања…Аналитичарот не очекува такво нешто, бидејќи, како што вели, мислам дека знаат тоа би почнало сериозна политичка криза и би не довело и до безбедносна непознаница.

-Тоа значи дека Македонија засекогаш се откажува од Европа и мислам дека не поминува кај повеќето граѓани. Жалам што Владата не ја користи целата политичка моќ која е концентирана кај нив за да го нахрани поконструктивен наратив кон ЕУ. Владата го прави спротивното и му помага на евроскептицизмот кој продолжува да расте кај нас, заклучува Селими.

Од друга страна, аналитичарот Петар Арсовски вели дека главниот предизвик за Владата во наредниот период ќе биде дали навистина ќе се остварат прогнозите дека наредната година ќе се динамизираат разговорите за откочување на ЕУ-преговорите. Според него, тоа заедно со борбата против корупцијата, реформските приоритети и економскиот напредок ќе бидат главните точки по кои Владата ќе се мери во наредните година до две.

Петар Арсовски/Фото: Принтскрин

-Ние на почеток се чувствуваме удобно и во друштво на Словенија и Хрватска, па бидејќи кај нас цело време беше статус-кво, не претркаа и Црна Гора и Албанија. Ако не ги спроведуваме реформските приоритети и ако не го откочиме проблемот со Бугарија, ќе не претркаат и Србија и БиХ. Ние цело време одиме во пониска лига во која на почеток сме удобни, но и тие кои се со нас во лигата, полека не претркуваат, објаснува Арсовски, запрашан за евроинтегративниот пат на земјата и како моментално стоиме во „чекалната“.

Во однос на европската агендаи и евентуални уставни измени, Арсовски не верува дека албанскиот фактор може да биде одлучувачки во тоа дали да се промени Уставот.

-Таму има еден фактор- ВМРО-ДПМНЕ и Владата која во моментов има целосна политичка моќ. Додека не се убедат ВМРО-ДПМНЕ дека тие треба да се случат, бадијала се сите притисоци од албанскиот фактор, особено сега кога ДУИ имаше лош резултат на локалните избори, тврди соговорникот, посочувајќи дека Владата во колоквијален разговор и во неформални ситуации, не го користи уставното име согласно Преспанскиот договор.

-Мислам дека тие нема да го ревидираат формално бидејќи неговата имплементација веќе ја ревидираат. За Договорот со Бугарија, мислам дека тоа е тежок политички костен за нив, не сум сигурен дали ќе имаат сила да го направат, иако притисокот ќе се зголемува во тој правец, порачува Арсовски.

Слични содржини