АРМ ќе учествува во борбената група на НАТО во Бугарија и во Романија

од Nikola Popovski
168 прегледи

На денешната седница, на предлог на Министерството за одбрана, по презентирање на информации за потребата од испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во борбената група на НАТО во Република Бугарија и во Република Романија, беа донесени одделни одлуки за испраќање на армиски единици во двете земји.

Задача на борбената група на НАТО е, како дел од зголемените активности за будност на НАТО (NATO enhanced Vigilance Activities- NATO eVA), да ја засили одбраната за источните граници на НАТО во Република Бугарија и во Република Романија.

Реализацијата на активностите го зајакнува партнерството и соработката помеѓу Република Северна Македонија и останатите сојузници во рамките на НАТО и истовремено влијае и на проширувањето на билатералната соработка на Република Северна Македонија со Република Бугарија, со Република Романија, со Соединетите Американски Држави, како и останатите сојузници и останатите нации, кои ќе придонесуваат во борбената група со персонал и опрема.

На предлог на Министерството за транспорт и врски беше усвоена и Одлука за учество на Република Северна Македонија во Европскиот АТМ специјален солидарен фонд и Доброволниот привремен солидарен фонд на ЕУРОКОНТРОЛ (Европска организација за безбедност во воздушната пловидба).

Согласно Одлуката, Северна Македонија учествува во Европскиот АТМ специјален солидарен фонд за поддршка на Украина и Молдавија со износ од 105,396.00 евра и Доброволниот привремен солидарен фонд за поддршка на Естонија, Латвија, Литванија и Полска со износ од 108,340.00 евра, за обезбедување на средства за трошоци за одржливо функционирање на давателите на услуги на навигација на Украина, Молдавија, Естонија, Латвија, Литванија и Полска за 2022 година.

Како резултат на последиците кои ги донесе војната во Украина, на последната седница од Привремениот совет при ЕУРОКОНТРОЛ во јуни беа формирани овие солидарни фондови за поддршка со намена за одржување на трошоците за оперативниот кадар на контролите на летање на овие земји за 2022 година, односно обезбедување на континуитет на некомерцијалните јавни услуги за воздухопловна навигација.

Можноста за учество во фондовите е преку надоместоците за прелети кои се наплатени од ЕУРОКОНТРОЛ во име на Република Северна Македонија или директен придонес (донација) од државите во фондовите.