Арсовска бара Општина Кисела Вода да постапи по хаваријата во Пинтија – следи казна и затворање на погонот на компанијата „Екопор“

од Љубиша Владимиров
891 прегледи

Денеска околу 14 часот на булеварот „Борис Трајковски“ во близина на населбата Пинтија се случи сериозен еколошки инцидент, откако пукнал резервоар во приватна фабрика за стиропор и ќеси. Од резервоарот истекла црна хемиска течност што преку атмосферската канализација завршила на коловозот, предизвикувајќи опасно загадување.

На терен веднаш интервенираа полициски екипи и Територијалната противпожарна бригада на Скопје, при што сообраќајот беше пренасочен, а беа преземени мерки за изолирање и расчистување на просторот. Инспекторите од Град Скопје излегоа на увид и составија записник за хаваријата.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, преку објава на Фејсбук информираше дека станува збор за компанијата „Екопор“, која не презела мерки и покрај претходен инспекциски извештај во кој било нотирано истекување на вентил под притисок. Таа посочи дека за ваков тип на хаварија, покрај парична казна од 45.000 евра, следува и затворање на погонот, како и налог за санирање на причинетата штета.

Арсовска упати апел до Општина Кисела Вода, под чии надлежности се наоѓа објектот, како и до ресорното Министерство, да постапат согласно своите надлежности и да го санкционираат правното лице што ја предизвика хаваријата. Истрагата за причините и последиците од инцидентот е во тек.

Слични содржини