Арсовска до Мицкоски: На кого се закануваш? За ѓубрето низ Скопје е одговорна твојата криминална структура во „Комуналец“ на чело со Спировска

„Мицкоски несреќо, на кого се закануваш?“ - порача градоначалничката Арсовска откако Владата на денешната седница нареди итни инспекции поради купиштата отпад во Скопје

од Nikola Popovski
291 прегледи

„Мицкоски несреќо, на кого се закануваш?“ – порача градоначалничката Данела Арсовска откако Владата на денешната седница донесе заклучоци за итни мерки во врска со проблемот со собирањето и транспортирањето на комуналниот отпад во Скопје. Арсовска испрати порака до премиерот:

„Те велича Орце Самка Ѓорѓиевски дека си Господ и си почнал да веруваш дека си семоќен? Политички прогон сакаш да правиш несреќо.
За ѓубрето низ Скопје е одговорна твојата криминална структура во Комунална хигиена на чело со Јулијана Спировска која е претседател на Управниот одбор (земи читај допис ако имаш време меѓу заканите и правење бизнис). За ѓубрето низ Скопје се одговорни твоите градоначалници кои сред избори повикаа граѓаните да фрлаат кабаст отпад, а немаат ни ресурси ни механизација да го собираат истото, па тоа ѓубре се мачат да го собираат вработените од КХС кои веќе се на крај на силите.

За ѓубрето низ Скопје е одговорно твоето Министерство за здравство кое милиони му должи на Комунална хигиена. Нив ќе им влезеш ли со полиција несреќо? По корумпирана и по плитка власт од твојата не постоела, ни ќе постои некогаш во Македонија. Уствари заборавив Северна, бидејќи и името дека ќе го вратиш лажеше како и за сѐ друго што лажеш денес“, порача градоначалничката во јавна објава на социјалните мрежи.

Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Институтот за јавно здравје се задолжуваат, во соработка со Министерството за внатрешни работи, веднаш да започнат координиран вонреден инспекциски надзор на територијата на градот. Целта е да се утврди состојбата со отпадот и да се преземат соодветни мерки.

Министерството за внатрешни работи, заедно со надлежните институции и Град Скопје – Сектор инспекторат, ќе го испита работењето на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје и на градоначалникот, поради несобирањето на отпадот што, според Владата, претставува опасност по здравјето на граѓаните.

„Состојбата е алармантна и иако надлежноста е на Град Скопје, поради континуираното непостапување ги повикуваме институциите веднаш да постапуваат по донесените заклучоци“, се наведува во соопштението од Владата.

Слични содржини