Арсовска: Доколку сметаат граѓаните дека треба да ставиме ограда каде сакаме и да кажеме дека тоа е наше, се враќаме назад 30 години

од Vladimir Zorba
144 прегледи

Доколку сметаат граѓаните дека треба така да се однесуваме, дека треба да ставиме ограда каде сакаме и да кажеме дека тоа е наше, се враќаме назад 30 години. Во оваа држава има право, има правила, и закони коио би требало да го штитат јавниот, општиот интерес и интересот на сите граѓани, а не само на десет луѓе. Тоа е простор каде што треба да има булевар што припаѓа на сите скопјани и не е тоа ничиј двор , туку е узурпирано земјиште, истакна градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска во денешната изјава за медиумите во врска со барањето за промена на трасата за изградба на новиот булевар „Боца Иванова“ во Општина Бутел.

Градоначалничката Арсовска на официјалното започнување на изградбата на „Мега паркот“ во Општина Чаир, каде што даваше изјава заедно со пратеникот од редовите на ДУИ Изет Меџити и градоначалникот на Чаир Висар Ганиу, тврдењата на градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски од минатата недела дека таа ветила дека нема да се гради улица во дворовите од каде што е предвидено да помине булеварот, ги оцени како невистинити.

– Јас во мојата кампања ветив дека ќе ја реализирам програмата за „Модерно Скопје“ во која на 34 страница може да го најдете токму тој проект. Второ, паушални изјави заради собирање поени дека трасата може да помести, е нешто од што пати оваа наша држава веќе 30 години. Македонија не може да се придвижи од тоа што секој си дозволува се што смета дека него лично му одговара, во случај кога земал и си окупирал 500, 1000 квадрати државно земјиште, да кажува на кој начин треба со истото да се располага и да поместуваат траси, изјави Арсовска.

Таа додаде дека кружниот тек со булеварот „Христијан Тодоровски Карпош“ и друга голема крстосница остануваат неповрзани само заради тоа што, како што наведе, некој земал државно земјиште.

– Јас не знам дали е тоа желбата на граѓаните на Градот Скопје, мислам дека не е. Сметам дека 120.000 граѓани кои на овие избори ја изгласаа програмата на Градот Скопје одлучија дека тоа нема да остане слепо црево на градот односно дека таму некој што им ветувал во изминатите 30 години треба да го реализира. И не верувам дека треба да бидеме поведени од нечии лични интереси и тоа да остане како слепо црево, истакна градоначалничката Арсовска.

Таа исто така го спомна и реализирањето на други поголеми проекти со експроприрани земјишта кои биле веќе приватни и како пример за тоа го наведе булеварот АСНОМ каде што, како што посочи, во 2021 година луѓето биле практично иселувани од своите куќи и местата каде што живеат за да се предвиди на тоа место булевар.

– Сега зборуваме за узурпирано земјиште каде што 10 луѓе си го земале, си граделе, си правеле базени и хациенди и некој тоа треба да го прости, додаде Арсовска.

Во врска со ова прашање, градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, минатата недела во изјава за медиумите тврдеше дека градоначалничката Арсовска лично им ветила на луѓето дека нема да има никаква улица и дека ќе се изгради парк на „Христијан Тодоровски Карпош“.

Како прифатливо решение, според него, би било само дислоцирање на трасата и рече дека градоначалничката Арсовска, за време на кампањата во 2021 година, им велела на граѓаните дека во овој дел од општината нема да има ниту улица, ниту згради.

Слични содржини