Арсовска избрана за нов претседател на „Нова Алтернатива“ – ќе излезе на избори и отворена е за коалицирање

од Vladimir Zorba
268 прегледи

Со едногласна одлука на сите делегати на политичката партија Нова алтернатива, актуелната градоначалничка на Град Скопје Данела Арсовска вечерва беше избрана за нов претседател на оваа политичка партија.

Арсовски по нејзиното избирање за претседател на партијата истакна дека време е политиката да биде натпревар на идеи, проекти, методи и понуда со подобар живот.

-Наспроти досегашното поимање на истата како начин на стекнување на привилегии на побрзо збогатување. Политиката не смее да биде извор на раздор, на поделби. Таа треба да биде точка на зближување и мост за надминување на сите проблеми преку дијалог, рече таа.

Арсовска информира дека партијата Нова Алтернатива ќе има четири постулати врз кои ќе се заснова – правдата, ослободување на економијата од стегите на крупниот капитал и воведување на еднакви можности, борбата со корупцијата и криминалот и целосна дигитализација на јавната администрација. Таа соопшти дека веќе од наредната недела ќе ги почнат активностите на партијата околу изборот на органите и програмата.

-Ова се нашите основни постулати правда – вековниот стремеж на Македонецот за своја сопствева држава е впрочем и вековен стремеж за правда, затоа што државата е таа која треба да им гарантира праведност, правичност и еднаквост на сите наши граѓани пред законот. За жал, македонските политички елити во изминатите 33 години независна македонска држава, не успеаја да го остварат вековниот стремеж на Македонецот за правда. Не дека не можеа, јас повеќе би рекла дека не сакаа. Оттука неслучајно довербата во македонскиот правосуден систем е на рекордни најниски три проценти. Вториот постулат на Нова Алтернатива е ослободување на економијата од стегите на крупниот капитал, воведување на еднакви можности. Во изминатите 33 години Македонија мина низ транзиција и се трансформира во една квази капиталистичко општество кое што доведе до екстремно богатење на мала група на моќници и осиромашување на над 90 проценти од македонското население. Оваа точка од нашата визија е зголемување на економските слободи и целосна дерегулација, но и силна антипомополска политика. Третиот постулат на партијата е борбата со корупцијата и криминалот. И четвртиот последен постулат е целосна дигитализација на јавната администрација, рече таа.

Арсовска во изјава за медиумите информира дека партијата Нова Алтернатива ќе учествува на претстојните парламентарни избори и посочи дека за нив остануваат отворени сите опции за коалицинирање.

-Сите опции ни се отворени, тоа е нешто за коешто треба нормално да се разговара. И во овој момент сметам дека е премногу рано Нова Алтернатива да можеме генерално и дадеме ваков одговор, меѓутоа она коешто го знаеме е дека ќе учествуваме на претстојните парламентарните збори. Имаме многу од нашите граѓани коишто не поддржуваат, коишто знаат за какви лица се работи кои можат да дадат многу за иднината на нашата земја, рече таа.

Слични содржини