Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска излезе на терен и се огласи после силното невреме што зафати делови од Скопје. Таа информира дека свикала итен теренски состанок на Штабот за заштита и спасување на Град Скопје.
-Во моментов екипите интервенираат на повеќе од 30-тина локации каде има поплавувања. Тимови составени од јавните претпријатија расчистуваат на терен каде остануваме се до целосно санирање на проблемите на критичните места. Сите екипи се мобилизирани и се на терен, меѓу кои и противпожарната бригада на градот Скопје, која со успешна интервенција успеа да спаси над 20 лица, соопшти Арсовска на социјалните мрежи.
Според неа, веќе се санираат материјалните штети.
-Вечерва кризниот штаб по целосна анализа на состојбите ќе најави решение за овие проблеми, но ќе се бара и одговорност за несоодветната атмосферска инфраструктура особено на ново реконструираните градски булевари каде се предизвикани најголеми штети, појаснува градоначалничката.