Арсовска најде печат да формира партија: „Сама по себе тешко ќе мобилизира доволен број гласачи“

од Nikola Popovski
730 прегледи

Како гром од ведро небо дојде информацијата дека градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска е нов претседател на партијата, Нова Алтернатива, формирана во 2007-та година од екс-пратеникот Ѓорѓи Оровчанец. Интересно за партијата е што на последните избори во 2020-та година партиципираше во владејачката коалиција предводена од СДСМ. Со оглед дека веќе пред извесен период делува како „независна“, се поставува прашањето дали градоначалничката, која на локалните избори дојде на функцијата  со поддршка на гласачите на ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците, а потоа влезе во политички конфронтации, како и со нив, така и СДСМ, сега ќе собере дел од незадоволните гласачи на овие партии, но и дали има сила да им ги помати сметките на поголемите партии? Градоначалничката неодамна најави дека ќе формира своја политичка партија, со цел да учествува на претстојните избори, но останува дилема зошто не создаде нов субјект, туку презеде веќе готова партија која е регистрирана?

Дел од домашните аналитичари се децидни дека Арсовска сама не може да придобие доволно гласови. Политичкиот аналитичар Петар Арсовски во разговор за „Локално“ вели дека во моментов рејтингот на градоначалничката во Скопје е слаб.

Петар Арсовски

-Сама по себе тешко ќе мобилизира доволен број гласачи за да ги помати сметките на големите партии, но да видиме кои коалиции ќе се соберат околу неа. Има најави дека нема да биде сама и дека ќе добие поддршка од други политички партии. Тоа може после тоа да се провери. Засега сама нема доволно политичка моќ, истакнува Арсовски.

Околу можните коалиции, аналитичарот наведува дека чудни се соработките на локално ниво.

-Таму повеќе партии се во некои коалиции кои не функционираат на национално ниво. Така што, еден е есапот за локални избори, а друг за парламентарни избори. За парламентарни избори, не верувам дека Арсовска може да биде во коалиција со владеачките партии, смета Арсовски.

Според него, градоначалничката нема автентично гласачко тело бидејќи рејтингот во Скопје и е слаб.

-Мислам дека ќе биде тешко за неа без поширока политичка коалиција, да направи некаков прогрес, истакнува аналитичарот.

Политичкиот аналитичар Бесим Небиу смета дека пореметување на сметки на големите партии е токму практичниот повод за формирање на повеќе партии во овој период, па такa e и со оваа.

-На ова упатува и тајмингот и начинот на кој се формира оваа политичка формација. Се разбира, партијата на Данела Арсовска може да „откине гласови“ од двете страни, но со оглед дека таа беше избрана на листата на ВМРО-ДПМНЕ, а за неа гласаше такво гласачко тело, веројатно таргет и се тие гласачи. Тоа секако би и одговарало на СДСМ. Колку од нејзините гласачи од 2021 година и останале “верни“ на градоначалничката ќе покаже кампањата и самите избори, анализира Небиу за „Локално“.

Оценува дека „Нова Алтернатива“ сепак е мала партија  и не многу позната во јавноста.

Бесим Небиу

Бесим Небиу

-Затоа не мислам дека преземањето на оваа партија ќе има било какво влијание кон гласачите на СДСМ односно на оние на тнр. Европски фронт, со оглед на големината и значењето на овој партиски бренд во самата коалиција, вели аналитичарот.

Ќе покажат изборите и тие се најдобро мерило, истакнува тој, додавајќи дека анкетите покажуваат дека нејзината популарност не е голема во овој момент.

Политичката сцена се збогати со нови партии и коалиции во последните година дена со ЗНАМ на Максим Димитриевски и Демократско движење на Изет Меџити кој стана дел од Европскиот сојуз за промени. На прашањето како би проценил една заедничка коалиција на трите новоформирани субјекти, Небиу вели дека дека е невозможна во овој момент, со оглед на некомпатибилноста и разновидоста на овие три спомнати партии.

-Партијата на Изет Меџити е веќе дел од коалиција на 3 или 4 партии која очекува да се зголеми со уште една, и на тој начин да ја порази ДУИ во албанскиот блок за прв пат од нејзиното постоење. Максим Димитриесвски од друга страна, скршнува длабоко во десно користејќи популизам и националистички пораки. Секако сака да откине нешто од гласачките тела и на СДСМ од каде потекнува, но и од Левица. Таквиот остар национализам го прави некомпатибилен за албанските партии во предизборниот период. Се разбира, и порано се појавувале партии кои користат такви тактики пред избори, заклучува соговорникот.

Досегашниот претседател на Нова алтернатива, Ѓорѓи Оровчанец тврди дека си дал неотповиклива оставка и дека за тоа што се случува внатре во партијата никој не го информирал.

-Јас веќе три месеци сум на боледување. За тоа што се случува во партијата никој не ме информирал и си дадов оставка од претседателското место. Ниту некој ме консултирал дали да биде Арсовска претседател, нбиту ме запознале, истакна Оровчанец во изјава за „Фокус“.

Арсовска веќе има соработка со ГРОМ со оглед дека кадарот на партија, Александар Трајановски е заменик-градоначалник на Скопје. ГРОМ доби дел од „колачот“ во Град Скопје откако ја раскина коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ со која се скара и градоначалничката Арсовска. Генералниот секретар на оваа партија, Крсте Петревски, беше назначен за нов в.д. директор на „Градски паркинг“.

Препукувањата на релација Арсовска – ВМРО-ДПМНЕ, временски се совпаднаа и со внатрепартиските превирања во ДУИ каде незадоволни членови, познати како „огнената група“ (Демократско движење) јавно побараа промени и го обвинија првиот вицепремиер Артан Груби за состојбите во партијата. Меѓу „огнените“ доминираат крила на ДУИ од скопски Чаир и Сарај, а неодамна токму кадри од оваа група добија дел од раководните позиции во градската администрација во Скопје што дел од јавноста го протолкува како начин да се задоволат незадоволните интегративци.

Н.П.

Слични содржини