Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска бара да се вратат старите и имиња на антички личности на улици во Скопје кои беа ставени во времето на екс градоначалникот Коце Трајановски. Арсовска достави барање до Советот на Град Скопје да се поништи одлуката на нејзиниот претходник Петре Шилегов и новите имиња на 485 улици да не важат, пишува СДК.
„За 33 имиња не е добиена согласност од Владата и поради тоа тие називи не се спроведени во надлежните институции односно одлуката е неспроведлива, при што постои колизија и истите имиња на дел од улиците за кои е добиена согласнот се веќе постоечки именувани улици со ист назив. Дополнително пропуст е направен со 12 улици за кои нејасно е определен потегот на улицата чиј назив треба да се промени. Поради тоа, предлагам одлуката да се поништи и да се пристапи кон изнаоѓање соодветни законски решенија“, се вели во образложението на Арсовска.
Арсовска вчера соопшти и дека доставила иницијатива до Советот на Град Скопје за повторно поставување на спомен обележјето на македонскиот револуционер Андон Лазов Јанев – Ќосето.
Спомен обележјето ќе добие нова локација која ќе се наоѓа на крстосницата помеѓу булеварот „Александар Македонски“ и булеварот „Беласица“ североисточно од кружниот тек.
„Се работи за исклучително важна историска личност и еден од најголемите македонски револуционери чиј споменик неправедно и шверцерски беше отстранет од претходното градско раководство. Нема да дозволиме споменикот на македонскиот револуционер да рѓосува по магацини, затоа апелираме час поскоро оваа точка да биде ставена на дневен ред во Советот на Град Скопје и веднаш да биде изгласана. Ова е уште еден начин да ја исправиме неправдата и да се оддолжиме на луѓето кои го дале својот живот за независна и суверена Република Македонија, да ги паметиме и чествуваме хероите од кои ниту еден не смее да биде заборавен“, порача „мајката“ на Градот.