СДСМ ја гледа реконструкцијата на владата низ две призми. Една е стабилизација и зголемување на функционалноста на парламентарното мнозинство и втората е некакво окрупнување на пратениците, како меѓучекор или како зголемување на притисокот кон останатите партии во собранието за уставните измени, наведе политичкиот аналитичар Петар Арсовски во вечерашната „Топ тема“ на Телма ТВ, во врска со реконструкцијата на владата, излезот на „Алтернатива“ и влезот на „Алијанса за Албанците“.
„Ваквото окрупнување има и трета призма, но прво да се задржиме на овие две. Во смисла на ‘европска коалиција’ нема големи промени и не верувам дека некоја од албанските партии би гласала против уставните измени или не би ги поддржала. Најголем дел од албанските партии имаат декларативна, па и суштинска определба за поддршка на уставните измени. И во таа смисла, оваа пермутација не менува многу“, вели Арсовски.
Во смисла на зголемување на парламентарното мнозинство, додава Арсовски, ставот на СДСМ на почетокот бил да не излезат партии, да не се ситни мнозинството.
„Овие случки во собранието, вчера и денеска, малку ја расипуваат таа математика, па есапот на крај може да излезе егал, условно речено, односно да добијат осум, а да изгубат пет-шест-седум, можеби и осум пратеници. И не знам како ќе функционира тоа. Ќе треба да видиме“, заклучи Арсовски.