Менаџерот на Арсенал, Микел Артета, упати многу емотивен апел до своите навивачи и тим пред првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите против Пари Сен Жермен, кој ќе се игра вечерва на стадионот „Емирати“.
Инспириран од незаборавната атмосфера во победите над Реал Мадрид во претходното коло, Артета рече дека очекува уште поголеми емоции и поддршка против францускиот шампион.
„Сакаме да направиме нешто посебно. Овој стадион мора да биде нешто посебно, нешто што не сме го виделе досега. Се надевам дека секој што ќе дојде утре ќе ја донесе таа енергија со себе“, рече Артета за време на вчерашната прес-конференција.
На прашањето дали врската меѓу клубот и навивачите е најсилна откако е во Арсенал, Артета беше категоричен: „Да, сто проценти. Но, може да стане уште подобро. Искуствата што ги имавме заедно неодамна само ќе ја направат врската меѓу нас уште посилна.“
Шпанецот нагласи дека натпреварот против ПСЖ не е само спортски предизвик, туку и можност за создавање историја: „Имаме огромна можност како клуб и како навивачи да покажеме кои сме и каде сакаме да стигнеме заедно. Тука сме за да ги направиме луѓето среќни, да создадеме историја – и сме многу блиску. Сега е време да го направиме тоа.“
Артета потврди дека Бен Вајт и Микел Мерино тренирале и би можеле да бидат достапни за натпреварот, додека Рикардо Калафиори останува надвор од составот, а Томас Партеи е суспендиран поради црвениот картон против Реал.
„Ова е моментот кога поединците мора да се истакнат“, додаде Артета. „Играчите мора да дадат сè од себе и да покажат кои се. Знаеме што сме постигнале досега – со напорна работа и страст, со конзистентност на највисоко ниво 10 месеци. Затоа заслужуваме да бидеме тука. Ова е прекрасен момент – да го живееме и да уживаме во секоја секунда.“
Арсенал никогаш не ја освоил Лигата на шампионите, а последниот настап на клубот во полуфиналната фаза беше во 2009 година, кога „топџиите“ беа елиминирани со вкупен резултат од 4-1 од Манчестер Јунајтед. Под водство на Арсен Венгер, тимот го загуби и финалето во 2006 година од Барселона.
„Можете да ја почувствувате тежината на историјата“, призна Шпанецот. „Особено затоа што имаме луѓе во клубот кои се тука со децении и никогаш не биле во ваква позиција. Тоа зборува за тоа колку е уникатен и прекрасен овој момент.“
И покрај повредите на клучните играчи како што се Каи Хаверц, Букајо Сака, Мартин Одегард и Бен Вајт, Арсенал покажа конзистентност во Европа – шест победи во осум натпревари од групната фаза и убедлива победа од 9:3 против ПСВ Ајндховен во осминафиналето.
„Фактот дека сме меѓу четирите најдобри екипи во Европа зборува за нашиот став, дух и колку многу го сакаме тоа“, нагласи Артета.
Менаџерот на Арсенал го брка првиот голем трофеј по ФА Купот во 2020 година, а Лигата на шампионите останува единствениот голем трофеј што недостасува во витрината на лондончани. И покрај падот на формата во Премиер лигата што му овозможи на Ливерпул да ја обезбеди титулата четири кола до крајот, вниманието сега е целосно насочено кон Европа.
„Во моментов пишуваме прекрасна приказна – но сакаме многу повеќе“, заклучи Артета.