Менаџерот на Арсенал, Микел Артета беше воодушевен по успехот над Ливерпул во дербито на врвот на Премиер лигата. Сега „топчиите“ дојдоа на два бода од „црвените“ и практично се вратија во битката за титулата. Според Шпанецот, овој успех значи многу бидејќи лондончани го надиграа тимот кој е во најдобра форма во Европа.
„Огромна победа. Момците ги вложија своите срца и души во битката за секоја топка. Сега имаме три победи во низа, остварени на навистина убедлив начин. Цела сезона е пред нас. Денеска покажавме дека имаме елитен менталитет. Но, сега тоа треба да го покажеме на утрешниот тренинг, а потоа и на натпреварот против Вест Хем. Ние сме во борба за титулата. Ќе размислуваме натпревар по натпревар. Клучно е дали целата постава ќе биде достапна. Тоа го научивме минатата сезона. Овој успех значи многу бидејќи Ливерпул е неверојатен тим. Тие се можеби тимот во најдобра форма во Европа“, изјави Артета.