
Американски „Асошиејтед Прес“ (АП) денес објави дека српскиот претседател Александар Вучиќ го посочи 21 јуни како датум за одржување парламентарни избори, додавајќи дека се очекува убедлива победа на неговата Српска напредна партија (СНС).
Американската агенција соопшти дека Вучиќ изјавил денеска дека по овие тешки времиња, треба да се создаде демократска атмосфера и да се формира парламент и влада да им служи на интересите на граѓаните.
„АП“ пишува дека аналитичарите веруваат дека Вучиќ сака изборите да се одржат што е можно поскоро, поради наводниот пад на популарност на неговата партија, поради строгите мерки на Владата преземени за време на пандемијата од коронавирус.
Американската агенција, исто така, додава дека „голем дел од српските демократски опозициски партии планираат да ги бојкотираат изборите заради „тесната контрола на Вучиќ врз медиумите и изборниот процес“.
Оттаму потсетуваат дека изборите требаше да се одржат на 26 април, но беа одложени откако во средината на март беше прогласена вонредна состојба во Србија заради пандемијата од коронавирус.