Атанасоски: Оваа влада би опстоила ако има целосна булдожерска поддршка од меѓународната заедница

од Берта Китинска
1,1K прегледи

Голема е веројатноста по денешните случувања парламентот да биде блокиран и нефункционален, бидејќи сега картите се тотално измешани, со преминувањето на БЕСА во редот на опозицијата, но и  „предавството“ од нејзиниот пратеник  Кастриот Реџепи, кој ја сруши иницијативата за гласање на недоверба на владата. Од друга страна, етничкоалбанските партии и пратеници се тотални послушници на т.н меѓународна заедница (читај: Американците), па ако дојде „Чичко Сем“ и ги истегне за политичките уши, не би ме чудело, сите во строј како „попчиња“ да бидат мирни, конструктивни, и да гласаат се што ќе треба да се изгласа во македонското собрание, се во име на поголемата слика, наречена „европска иднина на Македонија“, вели за „Локално“  политичкиот аналитичар Благојче Атанасоски.

Во однос на тоа дали владата доколку ја преживее оваа криза со ова мнозинство ќе успее да се одржи во следните две години, аналитичарот објаснува дека за тоа ќе биде потребна целосна , булдожерска и несомнена поддршка од целокупната меѓународна заедница, за да се продолжи евроинтегративниот процес на земјава.

Кастриот Реџепи од БЕСА не се појави на денешната закажан седница. Опозицијата останува со еден глас помалку за својата Иницијатива за рушење на владата. Какви се шансите да обезбедат уште еден глас? 

-Веројатно минимални, по изјавата на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, кој пратеникот  од БЕСА го спореди со покојниот легендарен пратеник Амди Бајрам, кој своевремено му даде „гол со пета“ на Бранко Црвенковски, при многу ваков сличен случај кога се гласаше недоверба на владата предводена од Љубчо Георгиевски пред  дваесеттина години. Доколку до полноќ  не се обезбедат потребните 61 пратенички глас, тогаш во наредните 90 дена ( 3 месеци), согласно уставните практики, ќе не може да се поднесе интерпелација за гласање на доверба на владата. Како ќе функцонира понатаму, останува да видиме, бидејќи политичката ситуација е и повеќе од замрсена и заплеткана.

Што после 60-60 пратеници? 

-Тоа е најневоројатната пат позиција во која се наоѓа македонското Собрание, но е невозможна да продолжи да функционира бидејќи е класична лимбо ситуација: од една страна немате „пад на владата“, односно постоечката влада ќе преживее, а од друга страна владата го нема потребното  мнозинство од 61 пратеник да „дише на шкрги“, односно го нема потребниот минимум да носи закони. Ако се надоврзе на сето ова, енергетската, инфлациската, Ковид-19 здравствената криза, тогаш на Македонија зимово црно и загадено од секој аспект и се пишува. Останува да следиме дали владејачката коалиција околу СДСМ и ДУИ, ќе има доволен капацитет да ги изменаџира состојбите и да обезбеди парламентарно мнозинство со пратеници од Алтернатива во име на европската иднина, и отворање на поглавјата со ЕУ, или пак ќе функционираме тотално парализирани. Да не бидеме наивни, играта е многу поголема од замена на едно со друго парламентарно мнозинство, т.е регионалниот и европскиот контекст е доведен во прашање: ако се случи пад на овој начин на владата предводена од Зоран Заев, тоа ќе биде протолкувано како дефинитивен пораз на проевропските сили во Македонија, но и  низ регионот, за кое вина ќе сноси исклучиво Европската Унија, како што нотираа еминентни германски, швајцарски и други западни медиуми. Не случајно се „ растрчани на терен“, германската канцеларка во заминување Ангела Меркел, првиот човек на НАТО Јенс Столтенберг, од позадина веројатно и францускиот претседател Емануел Макрон, но и Габриел Ескобар. Прв пат по 30 години ни дојде во официјална посета холандски премиер. Во политиката, особено меѓународната ама ништо нема и не е оставено на случајноста.

Сметате ли дека опозициската коалиција има платформа со која би се оформила нова влада?

Многу тешко, речиси невозможно, бидејќи станува збор за еден шарен идеолошки композит кој меѓу себе се исклучува, особено по клучни внатрешни прашања кои имаат меѓународен импакт. Освен ВМРО-ДПМНЕ, која можеби се најде во средина како еден своевиден „лепак“ на оваа коалиција, партијата  ЛЕВИЦА со партиите на етничките Албанци, а тоа се БЕСА, Алијанса за Албанците и Алтернатива е тотален антипод и се исклучуваат во програмските определби, цели и идеали, почнувајќи од Преспанскиот договор, членството во НАТО, косовската независност, употребата на Законот за јазиците, и многу суштински прашања по кои се разидуваат целосно. Ако се создаде таква коалиција, тогаш маските ќе падната и кај ајатолахот на Левица и кај водачите на етничкоалбанските политички партии и граѓаните ќе увидат дека станувало само за гола борба за власт, под плаштот да се бутне „хибридниот режим“ на СДСМ+ДУИ. Многу лесно можат да го „бутнат“, на легитимни избори, кога  Левица ќе добие глас повеќе од СДСМ, или доволно гласови да ја легитимира таа коалиција , а БЕСА, Алијанса за Албанците и Алтернатива, во здружена коалиција ќе ги победат владејачките ДУИ и ДПА и ќе ги испратат во „опозициското буниште“, за кое толку мечтаат.

Доколку владата ја преживее оваа криза, дали ова мнозинство ќе успее воопшто да се одржи во следните две години?

Многу тешко, бидејќи Заев го изгуби легитимитетот, макар и на едни локални избори, доживувајќи болен пораз, а гледаме дека ја „изгуби“ и БЕСА како досега стабилен коалициски партнер од кој му зависеше мнозинството. Голема веројатност е , прво да се направат огромни напори за деблокада на европреговорите  во декември, да се усвои преговарачката рамка и да се отворат конечно преговарачките поглавја со ЕУ, па потоа идната година да се оди на предвремени избори на на есен, па да се релегитимира новиот Парламент, а со тоа и новата извршна власт. Единствено оваа влада би опостоила на шкрги со едно скрпено, едвај склопено парламентарно мнозинство, ако има целосна , булдожерска и несомнена поддршка од целокупната меѓународна заедница, за да го продолжи евроинтегративниот процес и да ги турка напред  евроагендите, со што би се дало импулс за решавање и на другите невралгични нерешени прашања на Балканскиот полуостров. Се разбира, останува да следиме што ќе се случува во иднина, а според мене таа е многу непредвивлива.

Дали по денешните случувања овој парламент во иднина  ќе биде блокиран и нефункционален?

Голема е веројатноста, бидејќи сега картите се тотално измешани, со преминувањето на БЕСА во редот на опозицијата, но и  „предавството“ од нејзиниот пратеник  Кастриот Реџепи, кој ја сруши иницијативата за гласање на недоверба на владата. Од друга страна, етничкоалбанските партии и пратеници се тотални послушници на т.н меѓународна заедница (читај: Американците), па ако дојде „Чичко Сем“ и ги истегне за политичките уши, не би ме чудело, сите во строј како „попчиња“ да бидат мирни, конструктивни, и да гласаат се што ќе треба да се изгласа во македонското собрание, се во име на поголемата слика, наречена „европска иднина на Македонија“.

Б.М.

 

 

 

 

Слични содржини