Атанасоски: Се обединуваме само за Илинден, а останатите денови од годината, политичките елити работат на поделби по партиска, етничка и секаква друга припадност

Дали некој намерно го „исклучи“ Гаши од прославата за Илинден: „Етничка македонска димензија значи неповрат за државата и нејзина Кипаризација“

од Nikola Popovski
475 прегледи

Со централна прослава на „Мечкин Камен“ во Крушево и со положување цвеќе на повеќе локации низ државата, се одбележаа 122 години од Илинденското востание и Крушевската Република, како и 81 година од Првото заседание на АСНОМ – два клучни столба во македонската државност. Централната прослава се одржа во Крушево, под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Одбележувањето почна со положување цвеќе на гробот на Никола Карев и на споменикот на хероите на месноста „Слива“, по што ќе се одржи панихида во храмот „Св. Никола“. Шефицата на државата порача дека „ние не сме стебло без корен“ и потсети на максимата на Гоце Делчев „за светот како поле за културен натпревар на народите“ во контекст на актуелните предизвици во интеграцискиот пат кон ЕУ. Зборувајќи за создавањето на самостојна и независна Република Македонија во 1991-та година, таа ги нагласи и проблемите со кои речиси оттогаш се соочува државата и кои се постојано потенцирани од мешународниот фактор како пречка за развој и интеграција во европското семејство.

Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски ја предводеше владината делегација која положи цвеќе на споменикот на претседателот на Крушевската Република Никола Карев пред зградата на Собранието, на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец“ и на споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто на плоштадот Македонија. Порача дека визијата продолжува за земјата да ги надмине поделбите. Според него, Илинден е ден на обединување, ден кога сите треба да се поклониме на минатото и да се заветиме на иднината.

„Одговорност што ја имаме како народ и граѓани, но особено како институции, да го продолжиме патот започнат во Крушево и потврден во АСНОМ, со работа, чесност и грижа за иднината. Како Влада, свесни сме дека довербата на граѓаните е обврска што се оправдува со резултати. Затоа сме посветени да ја направиме Македонија држава на можности, праведна, безбедна и просперитетна, со силни институции што ќе бидат на страната на граѓаните. Оваа генерација политичари има должност да покаже дека може подобро“, рече меѓу другото премиерот.

Обединување или понатамошни поделби меѓу народот? 

За поголемиот дел од јавноста, речиси секоја власт, секоја година испраќа исти пораки. Според политичкиот аналитичар, Благојче Атанасоски, секоја година, речиси без исклучок, државниот врв од Крушево, Пелинце или Скопје, упатува исти, „веќе излитени фрази“ за најголемиот национален и државен празник: пораки за обединување, за сплотеност, за развој и просперитет.

Благојче Атанасоски

-Тоа е во доменот на лицемерието на македонскиот државен врв, овие три и пол децении на македонска самостојност и демократија, бидејќи гледаме дека во суштина, останатите денови од годината, политичките елити работат на спротивното: на поделби по партиска, етничка и секаква друга припадност, како и на системско крадење и уништување на државата. Што се однесува до пораките на претседателката, станува збор за потенцирање на фрустрациите на македонските граѓани од нашиот блокиран европски пат и интеграции. Разликата меѓу државник и политичар е во тоа што државникот наоѓа излез и пат и ја води државата напред низ сите нејзини премрежја, не лелека и жали „над сопствената горка судбина“, вели Атанасоски за „Локално“.

Спикерот Африм Гаши уште претходно најави дека поради здравствени причини нема да има говор на одбележувањето на празникот, поради што собраниската делегација ја предводеше потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, која положи цвеќе на Меморијалниот центар „АСНОМ“ во Пелинце. Државната делегација, предводена од потпретседателката Бендевска, го одбележа 2 Август – Илинден и во манастирот Прохор Пчински. За дел од опозицискиот албански политички блок, постојат дилеми дека ова може да биде дел од трендот за, како што сметаат, избегнување на употребата на албанскиот јазик на важни симболични настани за државата. „Дали неговото отсуство од говорот по повод Илинден во манастирот Прохор Пчински е само од здравствени причини или ова е нов начин да се замолчи албанскиот јазик во најсимболичните моменти на државата?“, праша екс-министерот и член на АА, Кренар Лога.

Дел од јавноста со внимателност гледа на ваквите констатации. Атанасоски смета дека треба да се биде внимателен.

-Не сакам да верувам дека некој свесно, наменски и намерно го исклучил спикерот Гаши, за да се даде етничка македонска димензија, исклучувајќи ги етничко-албанските државни функционери. Тоа е де факто деинституционализација на државата по етнички клуч, што доколку како практика се воведе, води само кон еден пат во неповрат за Македонија, а тоа е нејзина „Боснизација„ или „Кипаризација“ односно, поделба на државата на два дела/ентитети по етничка подвоеност на двете најголеми етнички заедници, посочува соговорникот во разговорот.

Мечкин Камен

Илинден во Македонија датира од 1903 година, кога на 2 Август Македонците и другите народи се кренаа на востание против Отоманската Империја и ја формираа Крушевската Република. Поради тоа Илинден е познат и како денот на Републиката. Востанието беше кренато на 2 Август – на денот на Свети Илија кој е национален православен празник кога традиционално се одржуваат верски церемонии во црквите и манастирите ширум Републиката.

Еден од најавтентичните настани за празникот е традиционалното пристигнување на коњаниците од Скопје во Крушево, местото каде во 1903 година беше воспоставена Крушевската Република по битиките против Отоманската војска, која траеше кратко.

41 година по Илинденското Востание во Манастирот Св. Прохор Пчински беше одржано и Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), кога беше потврдена рамноправната положба на Македонија во рамки на федералната држава Југославија.

Слични содржини