Aтанасоски со оценка за изборите: Левица е огромен хит, СДСМ во клиничка смрт, ВМРО-ДПМНЕ очекувано победи

По синоќешните резултати, нема да има предвремени парламентарни избори, прв пораз за ДУИ во нивната историја - вели Атанасоски во анализа за „Локално“

од Nikola Popovski
72 прегледи

Многу реакции во јавноста по првиот круг од гласањето на локалните избори. Имаше славење на одредени места, но и голема разочараност кај некои кандидати. Државната изборна комисија доцна синоќа ги соопшти првичните резултати од локалните избори. Во првиот круг од гласањето коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ победува и води во 54 општини, социјалдемократите водат во 9 општини, ВЛЕН води во 9 општини, а ДУИ во 5 општини. ЗНАМ на Максим Димитриевски има водство во општина Куманово. Во помалку од половина од вкупно 80 општини во државата ќе има и втор круг.

Во Град Скопје води кандидатот Орце Ѓорѓиевски од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а зад него е Амар Мециновиќ од Левица. Според првичните резултати, тие двајца ќе се борат за главниот град во вториот круг.

Очекуван исход или нови погледи?

За дел од аналитичарите во земјава, синоќа по изборите се случи тоа што очигледно анкетите и расположението го покажуваа извесен период. За Благојче Атанасоски, Левица е огромен хит, со влезот на Мециновиќ и големиот успех на сите кандидати на Левица во скопските општини. Смета дека партијата ќе има нагорен тренд.

-Од друга страна опозициската СДСМ е во клиничка смрт и прашање на егзистенционален опстанок на оваа партија. Запрепастен сум од беневолентноста на таканаречениот лидер на оваа партија, во суштина стечаен управник, поданик и измеќар на кланот од Дубаи и првите луѓе на партијата околу него што го претставувааат ова како успех кој ветува. Очекувано, владејачката партија ВМРО – ДПМНЕ, победи во сите општини во кои очекуваше и во Скопје и низ Републиката. Единствена голема победа на СДСМ е на градоначалникот Горан Герасимовски во Општина Центар и тоа го држи моралниот социјалдемократски компас во најурбаната скопска општина, истакнува Атансоски во анализа за „Локално“.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/Телма

За ситуацијата кај албанскиот блок, Атанасоски посочува дека најголемиот изненадувачки резултат е на коалицијата ВЛЕН која, по се извесно има победа над конкурентите од коалицијата предводена од ДУИ.

-Што значи ова би бил првиот изборен пораз на интегративците во нивната 23 годишна историја на постоењето. Апсолутно мислам дека ќе нема после овој изборен резултат предвремени парламентарни избори. Исто така огромен губитник на овие избори е владејачката ЗНАМ кои имаат огромен пад во гласачкото тело од минатогодишните парламентарни избори, тврди соговорникот.

Повторно над 1.000.000 не гласале, стандардна бројка која се појавува на изборите. На прашањето дали смета дека е можно сега дел од нив да се активираат, аналитичарот не верува во таква опција, со оглед дека, како што вели, граѓаните се апатични и гласаа традиционалните гласачки тела на владејачката партија, а опозициската партија го допре и под историскиот минимум.

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера рече дека граѓаните јасно ја покажаа својата волја за промени на локалните избори, нагласувајќи дека „Македонија избра насока, а не партија“.

Мицкоски изјави дека неговата партија постигнала значаен успех веќе во првиот круг од изборите, победувајќи во повеќе од 30 општини, вклучувајќи некои што претходно беа под администрација на СДСМ како што е Струмица.

„Победивме во повеќе од 30 општини во првиот круг. Покажавме дека политиката може да има ново лице, без гнев и навреди, а граѓаните го препознаа тоа“, рече Мицкоски. Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ, во однос на Струмица, го чекале овој момент две децении.

„Го чекавме овој ден дваесет години“, рече тој. Мицкоски ги повика граѓаните да излезат во вториот круг од изборите во што е можно поголем број.

Од друга страна, лидерот на СДСМ, Венко Филипче синоќа кажа дека СДСМ во првиот круг од локалните избори победил во три општини, и ги повика граѓаните за помасовна излезност во вториот круг. Тој кажа дека не планира да поднесе оставка, туку дека ќе работи на натамошна консолидација на партијата.

-Овој резултат не е тој што го посакувавме сите, но имајќи ги предвид околностите во неклои општини имаме зголемување на бројот на гласови, кога ќе ги споредиме со минатата година и тоа е доказ на таа консолидација којашто започна изминатите месеци во партијата, порача тој.

На новинарско прашање за досегашните резултати од Град Скопје, со оглед дека според досегашното броење Левица е пред Каја Шукова, и дали смета дека тоа ќе биде голем удар за СДСМ, рече дека ќе ги почекаат точните бројки за Скопје, за да искоментират точно и прецизно.

Тој повтори дека во неколку општини се уште не е јасен исходот, повторувајќи дека има еден добар дел општини во кои има зголемување на бројот на гласовите.

Филипче на новинарско прашање дали планира да поднесе оставка со оглед на изборниот резултат, особено во Град Скопје, кажа дека нема да поднесе, туку дека ќе работат на натамошно консолидирање на партијата.

Н.П.

Слични содржини