Активностите и барањата на синдикатите се јасни и прецизни. Поврзани се со нивелирањето на минималната плата. Тука не треба да се бара политика. Владата, пак, предолго време ја става главата во песок и не ги гледа проблемите на вработените во образованието. Се разбира, во образованието има превработеност, образованието, пак, им служи на политичките партии за клиентелизам и политички вработувања, но сето тоа наспроти неинвестирањето во изминатите 20 години не е оправдано, вели во разговоро за „Локално“, проф. Петар Атанасов, поранешен заменик министер за образование од редовите на СДСМ.
Тој вели дека владата треба да започне стратешки да ги решава проблеми, појаснувајќи дека некои нивни финансиски потези ги имаат испровоцираа овие протести.
– Ако платите на вработените секој ден вредат се помалку, што друго им преостанува. Како тоа, за се има пари, освен за образованието. Како припадник на високото образование, мислам дека издвојувањата за високо образование и наука се под секое ниво. Проблем на Владата е дали на пример ќе одржува премногу празни училишта или ќе финансира премногу јавни универзитети, или ќе започне да стимулира квалитет, појаснува Атанасов.
Професорот смета дека ако се поголеми платите ќе се привлекуваат поквалитетни кадри, појаснувајќи дека владите секогаш грешат кога со паушални решенија сакаат да ги поправат системските грешки.
-Краткорочно можеби не, ама на подолг рок потребно е од професорската и наставничка професија да се направат општествено престижни и почитувани професии. Ако се поголеми платите ќе се привлекуваат поквалитетни кадри. Владите секогаш грешат кога со паушални решенија поправаат системски грешки. Секој ќе биде повеќе мотивиран ако биде подобро платен. Ништо нема преку ноќ, појаснува тој.
Според него не може да се направи департизација во образованието се додека 90% од партиските членови се во партиите заради вработување, појаснувајќи дека тоа е маѓепсан круг кој тешко ќе се прекине.
-Еднаш ќе мора да се започне да се мери квалитетот при вработувањето. Кога ќе се случи тоа не знам. Се додека тоа не се реши ќе тонеме како општество. По сите линии…, појаснува тој.
Атанасов смета дека нема нема поделеност во јавноста во однос на штрајкот и дека луѓето сакаат институциите да функционираат, да им веруваат кога нешто ќе преземат, барајќи од функционерите да не крадат, да престанат политичките политизации на општеството и политичарите да бидат поскромни.
-Можеби штрајкот доаѓа повторно во невреме, ама тоа е веќе проблем на Владата. Со игнорирање на проблемите за финансирањето на образованието од страна на политиката стигнавме до последните места по квалитет на сите ранг листи, подвелкува тој.
За тоа дали власта се обидува да го загуши штрајкот во воспитно-образовните институции, Атанасов појаснува дека во моментов политичка битка се води и на централно и на локално ниво.
-Па не знам што прави власта, затоа што политичката битка се води и на централно и на локално ниво. Да, ќе бидат оштетени децата, веројатно не повеќе од една недела, ама агонијата во образованието е стара и временски неограничена. Она што треба да се прати е дали и колку ќе бидат синдикатите солидарни и дали и како ќе соработуваат. Сепак, синдикалната борба е со оправдани цели, вели тој.
Б.М.