И авторот на текстот Александар Русјаков очекува „Атена со пенис“ да биде доста гледана претстава, а тоа се должи на неговата доверба во режисерот и од тоа што го сработиле актерите.
– Моето чувство, исто така, кажува дека ова ќе биде одлична претстава, затоа што тимот е одличен. Со Синиша веќе имам соработувано и многу му верувам, а енергијата што ја видов тука ми кажува дека навистина ќе имаме добра претстава. Ова е драмски текст извлечен од мојот роман „Атена со пенис“ во издание на „Или-или“. Мислам дека е многу податлив за денешно време. Има чуден наслов, луѓето сенешто ќе си помислат, и тоа е добро, а тоа што ќе го видат ќе ги изненади. Мојот текст е текст, но вистинското уметничко дело е на оваа екипа која го има вторпат напишано, и тоа ќе биде нивно дело, рече Русјаков.
Во актерската екипа се: Рубенс Муратовски, Катерина Коцевска, Лазе Манасковски, Зоран Љутков, Јана Стојановска, Гордана Ендровска, Филип Трајковиќ, Калина Наумовска, Емилија Мицевска, Благица Димитровска, Александар Степанулески, Ванчо Петрушевски, Гоце Тодоровски и Диме Илиев. Сценографи се Милан Несторов и Александар Ношпал, костимограф Александар Ношпал.
Ова е втора соработка меѓу Русјаков и Евтимов, но прва на професионална сцена. Во 2015 година во нониот клуб „Станица 26“ Евтимов ја постави претставата „Станица Љубов“ по текст на Русјаков.
„Атена со пенис“ ќе биде трета премиера на Драмскиот театар во оваа година, по поставувањето на „Франкенштајн“ и „Венецијанскиот трговец“. Според директорот на ДТС Роберт Велјановски, ова ќе биде значајна претстава за Драмски театар и, како што рече, дел од историјата на Драмскиот театар-Скопје.
– Ова е една од продукциите коишто многу лесно сум ги сработил во мојот четиригодишен мандат. Со Синиша многу лесно се работи, што е многу позитивно, зашто енергијата се насочува на вистинското место и не се троши за непотребни нешта, рече Велјановски.
Директорот информираше и за претстојните гостувања – на 9 јуни ДТС со „Венецијанскиот трговец“ во режија на Наташа Поплавска ќе го отвори МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, на 24 јуни оваа претстава ќе гостува и на Шекспир фестивалот во Битола, како и на Шекспир фест во Чортановци (Војводина), кој ќе се одржува од 27 јуни до 4 јули.
Претставата „Јов“ по текст на Венко Андоновски и режија на Сашо Миленковски, пак, ќе игра на регионален фестивал во септември во Сараево, а летово со „Буре барут“ ДТС ќе гостува на Бит-фест во Битола./А1Он