Атина: Ахмети доаѓа по негова иницијатива, ние се што требаше му кажавме на Попоски

од desk3
124 прегледи

Посетата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети задутре на Атина во Грција се најавува како дел од напорти да се најде побрзо решение за безизлезот во кој е заглавен спорот за името. Во анализа на грчкиот весник „То вима“ средбата на Ахмети со шефот на дипломатијата Никос Коѕиас  се оценува како дел од грчката стратегија периодов да се најде компромисно решение за спорот.

ministerstvo-za-nadvoresni-atina1

Грчки извори за „МЕТА“, пак, коментираат дека посетата на Ахмети е по негова иницијатива во рамки на неговите напори да се одржат контактите со меѓународната јавност.

Нашите извори велат оваа средба не е некаква порака од грчката влада, ниту нејзина иницијатива и сите клучни работи кои требало да бидат кажани биле разговарани со министерот Никола Попоски.

Али Ахмети со вицепремиерот за Рамковен договор, Муса Џафери и со вицепремиерот за евроинтеграции, Фатмир Бесими, на средбата со шефот на грчката дипломатија не одат во својство на владини претставници, соопштија за „Мета“ од македонското Министерство за надворешни работи.

Од МНР велат дека станува збор за партиска средба и оти владиниот коалициски партнер не се координирал со нив во врска со темите за разговорите.

МНР: Посетата на Атина на Ахмети е партиска, а не владина

Шефот на кабинетот на лидерот ДУИ, Артан Груби, кој исто така ќе патува за Атина, одби да даде одговор на чија иницијатива ќе се одржи средбата ниту. На сите прашања тој вели дека „сè што треба да се знае, го има во соопштението на ДУИ“.

„То Вима“ забележува дека зачестените средби на македонските политичари со Коѕиас може да се прочитаат како знаци кои ги потврдуваат информациите дека грчката влада, а особено Коѕиас сметаат дека по априлските избори ќе се отвори прозорец на можности за решавање на спорот за името. Во таа насока се и информациите дека Коѕиас работи на тајни предлози за името.

„Дипломатски извори коментираат дека Коѕиас турка идеи за името кои ја следат досегашната практика са и се држат далеку од очите на јавноста“, пишува „То вима“.

Весникот пренесува дека медијаторот Метју Нимиц е изолиран од овие нови интензивирани грчки активности околу решавање на спорот за името. На страна се чини дека е оставен и грчкиот преговарач Адамантиос Василакис, иако до сега два пати бил испратен тајно во Софија по налог на Коѕиас со цел да го опипа пулсот кај бугарската влада околу идеите за решавање на спорот за името.

Како еден од можните мотиви за засилената грчка активност весникот ја посочува загриженоста на Атина за идниот самит на НАТО во Варшава. Повикувајќи се на дипломатски извори, „То вима“ забележува дека Атина е загрижена дека на овој Самит можно е да се разговара за измена на одлуката од Букурешт и да се покани Македонија во Алијансата без претходно решение на името.

 

META