Објавените информации за наводно семејно насилство во мојот дом се кулминација на серијата лажни вести и невистини што одредени медиуми блиски до ВМРО-ДПМНЕ во континуитет ги пласираат за мене и моето семејство, рече пратеникот од СДСМ, Костадин Ацевски по информацијата не дел од медиумите дека тој синоќа ја нападнал својата сопруга, по што таа пријавила семејно насилство во полиција.
„Најостро и целосно ги демантирам, отфрлам и осудувам пласираните невистини за наводно семејно насилство во мојот дом предизвикано од мене. Не можам ова да го оквалификувам на ниеден друг начин освен бесрамна лага, манипулација, злоупотреба на малолетни деца, семејни односи и недоразбирања во дневно-политички цели. Најодговорно тврдам дека немало елементи на физичко, психичко или вербално насилство врз мојата жена или некој друг. Овие вести беа синхорнизирано пласирани од медиуми блиски до ВМРО-ДПМНЕ без притоа некој да побара став од мене или од мојата сопруга“, рече Ацевски и ги повика институциите да го испитаат случајот и да ја информираат јавноста.
Вели, ако се покаже спротивното веднаш ќе поднесе оставка од функцијата пратеник.