„Ауди-аферата“ полека привршува – судот ја подготвува пресудата за Мерко

од Даниел Ѓорѓиевски
30 прегледи

Судската сага околу набавката на „Ауди А6“ од Општина Струга влегува во завршна фаза. Денеска, во Основниот суд во Струга, беа сослушани последните сведоци – поранешна вработена во Државниот завод за ревизија и членови на Комисијата за јавни набавки – со што заврши изведувањето на вербалните докази.

Градоначалникот Рамис Мерко, кој е обвинет во случајот, ќе ја даде својата одбрана на следното рочиште закажано за 9 јуни. Тогаш ќе следуваат завршните зборови на обвинителството и одбраната, по што судот ќе ја соопшти пресудата.

„Ги исцрпивме сите вербални и материјални докази. Сега е време странките да се подготват за финалниот настап“, изјави судијата Јордан Јованов, најавувајќи дека случајот ќе добие епилог во јуни.

Во судницата сведочеше и пензионираната ревизорка Лилјана Стојанова. Таа потсети дека во периодот кога Општина Струга имала блокирана сметка, бил донесен судски акт за неопходно трошочење. Но, во ноември 2017 година, со ново решение, месечниот лимит бил зголемен на над 50 милиони денари – што на годишно ниво надминува 600 милиони и ја надминува редовната буџетска рамка.

На клупата за сведоци беа и Алија Ајдиновски и Ерканда Баута – членови на Комисијата за јавни набавки. Тие тврдат дека набавката на четирите службени возила, вклучително и „Ауди А6“, е спроведена законски и со одлука на Советот на Општината. На тендерот, велат, учествувале две понуди, а победила поевтината.

Баута, која била дел и од комисијата за отуѓување на старите возила, објасни дека возниот парк бил застарен, нефункционален, и дека Општината имала реална потреба од нови возила. Според неа, и претходно се користеле скапи автомобили.

Одбраната на Мерко пак е децидна – нема докази за незаконитост. „Ниту еден доказ не укажува на нерегуларности“, тврдат адвокатите.

Денешното рочиште не помина без тензија – сведоците, кои претходно не се појавуваа, беа спроведени со полициска асистенција по наредба на судот.

Покрај случајот со автомобилот, денеска во Струшкиот суд продолжи и расправата за поставувањето на спомен-плочата на влезот од општинската зграда – друг процес во кој се изведуваат вербални докази.

Слични содржини