Попладнево на Јутјуб осамна аудио снимка со слика од актерката и претседателка на Градскиот комитет на Унија на жени во ВМРО-ДПМНЕ, Јелена Жугиќ. Снимката е објавена на каналот „Зелен црв“ и во неа може да се слушне како се зборува дека Албанците го окупираат Бутел, дека се менува етничката карта на Македонија, како и дека ќе има федерализација и кампови за бегалци.
„Сите бизниси од тетовските и гостиварските села ќе ни дојдат на две минути од Скопје, цело Косово ќе ни биде овде преку викенд и ќе ја изгубиме демократијата онака едноставно, како што ќе ја изгубиме Македонија, македонскиот јазик. Се она што го зборуваше Никола Груевски години наназад, сè се исполни. Остана уште федерализација и камповите на бегалците, а тоа ќе се случи доколку ги загубиме локалните избори. Ќе ни ја сменат етничката карта на Македонија“, се вели во дел од видеото, во кое се слуша женски глас.