АВАЈА: Злоупотребата за вработување во институциите продолжува, Ромите бараат промени во методологијата

од Vladimir Zorba

Движењето АВАЈА реагира на изјавата на министерот за информатичко општество и администрација, Адмирим Алити во која укажува дека во Методологијата за вработувања во јавниот сектор направени се промени според последниот попис.

„Укажуваме дека промените во Методологијата се погрешни, не поради промените од последниот попис туку поради фактот што веќе одредени заедници го имаат постигнато процентот на застапеност во институциите, додека ромската заедница дури и по 21 година од Охридскиот Рамковен Договор ја нема постигнато ниту половина од потребната застапеност во јавниот сектор. Оттука бараме промените во Методологијата да дадат предност на помалку застапените заедници и изнаоѓање на механизам за решавање на проблемот со постојани злоупотреби кога Балансерот бара вработување на Роми.

Од Април до Јуни биле објавени 323 огласи за вработување во јавниот сектор од кои само 10 огласи според Балансерот биле наменети за Роми. Но, за да биде уште полошо ниту еден Ром не е вработен на овие огласи. За пример ќе го земеме Јавниот оглас 171/2022 од 08.06.2022 за вработување на административен службеник за работно место помлад соработник за човечки ресурси во Националната опера и балет беше наведено дека потребно е да се вработи Ром/ка. Од одлуката може да се забележи дека е вработен извесен Христијан Пејковски.

Истиот начин на злоупотреби се применува и за вработување во општините. На Јавниот оглас 187/2022 објавен на 18.06.2022 година за работно место административен службеник на неопределено место избран е извесен Блерим Сефери.

Ова се само два случаи, но како движење располагаме со уште десетици вакви случаи на злоупотреба на ромската етничката припадност при вработување во јавниот сектор. Затоа бараме од Министерството за информатичко општество и администрација да направи сериозни промени во Методологијата за вработување во јавниот сектор кои ќе ја унапредат застапеноста на Ромите во институциите или целосно да се укине Балансерот како алатка за распределба и наоѓање на нов механизам за воспоставување на правична застапеност во државната и јавната администрација“, истакнуваат оттаму.

Слични содржини