Аврамчев: Се надевам дека в година скопјани ќе можат да уживаат во огромен број настани во Универзална сала

од Берта Китинска

Сите договори кои што ЈУ Универзална сала-Скопје ги има склучено со одредени економски оператори за кои што обвинува опозицијата се наменски склучени за потребите на реализацијата на годишната програма на установата согласно буџетските средства кои се дадени на располагање на институцијата, вели во разговор за „Локално“, Филип Аврамчев, директор на Универзалната сала во Скопје.

Тој се надева дека доколку немаме некои други посериозни проблеми при реконструкцијата на Универзална сала таа в година ова време ќе може да биде отворена за организирање на настани.

Опозцијата излезе со обвинување дека иако Универзалната сала е затворена, изнајмува опрема за над 100.000 евра. Дали Универзалната сала според исказот на опозцијата изминативе години иако е нефункционална претствува како тиe што велат „непресушен извор и за луксузи“?

-Точно е дека Универзална сала како објект веќе 6-та година не функционира, но без разлика на тоа ЈУ Универзална сала-Скопје како институција и тоа како функционира и работи во голем обем на голем број настани и фестивали на отворено се со цел збогатување на културната понуда на Град Скопје. Сите договори кои што ЈУ Универзална сала-Скопје ги има склучено со одредени економски оператори за кои што обвинува опозицијата се наменски склучени за потребите на реализацијата на годишната програма на установата согласно буџетските средства кои се дадени на располагање на институцијата. Да напоменам дека паричните средства наведени во тие договори на годишно ниво не се реализираат во целост, него согласно потребите на проектите во годишната програма на институцијата одобрени од советот на Град Скопје.

Сaлата скоро 6 години е затворена. На кои проекти конкретно работеше вашиот тим?

ЈУ Универзална сала веќе четврта година по ред е главен организатор на Фестивалот на светлина “Skopje Light Art District”, фестивал кои што 4 години е домаќин на реномирани светски уметници од областа на светлосната уметност и секоја година 4 дена на Скопје му дава една друга димензија. Покрај фестивалот на светлина, годинава повторно бевме организитори на популарната „Бела ноќ“, фестивалот на акустична музика “Skopje Unplugged“, концертот на Филхармонија со Архангел како и многу други помали настани од културната програма на Град Скопје.Минатата година покрај овие настани, заедно со МКЦ и КИЦ бевме организатори и на проектот „Култура во време на корона“, каде за неполн месец, во пандемски услови и карантин успеавме да организираме 50-ина концерти и да помогнеме пред се финансиски на домашните уметници и изведувачи во моменти кога нивните приходи беа сведени на минимум.

Во тек е реконструкцијата на омилената културна институција на многумина скопјани.До каде е работата на терен?Кога се очекува официјално вратите да бидат отворени за посетителите?

Пред неколку месеци и официјално започнаа градежните активности за реконструкција на објектот Универзална сала. Поради одредени технички проблеми, целиот процес на реконструкцијата малку доцни, но доколку немаме некои други посериозни проблеми јас се надевам дека веќе в година ова време скопјани ќе можат да уживаат во огромен број настани што ќе се организираат во Универзална сала.

Во тек е кампањата за вториот круг на локални избори.Скопјани се исправени пред избор на две опции.Јавно ја дадовте поддршка за Петре Шилегов.Зошто сметате дека скопјани треба да го дадат својот глас за актуелниот градоначалник?

Јавно ја искажав својата подршка за градоначалникот Петре Шилегов за успешно завршување на реконструкцијата на Универзлана сала во најбрз временски период и заедно сите како граѓани да уживаме во функционалноста на истата. Покрај реконструкцијата, сметам дека заедно со останатите културни институции во изминатиов период во голем обем ја збогативме културната понуда во градот. Искрено би сакал и во иднина да имаме можност да ја збогатуваме и надградуваме културната понуда, со крајна цел добивање на престижната титула Европска престолнина на културата, титула за која Град Скопје е сериозен кандидат за 2028 година.

Покрај реализацијата и развивање на културната програма на Скопје, јас како граѓанин сум благодарен на градоначалникот за ослободување на тротоарите во градот, како и реконструкцијата на пешачките патеки во Градскиот парк (моето омилено место во Скопје).

По четврти пат оваа година се одржа „Skopje Light Art District“ фестивалот.Дали оваа светлечка уметност низ градот предизвикува интерес кај посетителите?Колку уметниците се заинтересирани за овој вид на изложба?

-Секоја година наша цел како тим кои што го организира овој престижен фестивал е на скопјани да им понудиме нешто ново, но и самите да се надминеме и да создадеме поуспешно издание од претходното. Можам да кажам дека од година во година интересот е се поголем и дека веќе жителите на Скопје со нетрпение ги очекуваат четирите дена во кои фестивалот блеснува со сиот свој сјај. Нашите проценки се дека 50 000 граѓани го посетија фестивалот оваа година во услови на пандемија, согласно сите пропишани протоколи за организирање на настани.
Ако на почетокот имаше слаб интерес од локални артисти да творат на ова поле сеуште непознато за нас, можам да кажам дека веќе фестивалот успева да создаде уметници чии дела веќе се изложуваат и на други светски фестивали.

Една од главните цели на фестивалот е нашите локални уметници да се инспирираат и да учат од искуството на реномираните светски уметници кои што се гости на фестивалот. Токму затоа во периодот на фестивалот самиот запознавањето и дружење е круцијален од аспект на создавање на нови дела и колаборација помеѓу домашните и странските артисти.

Б.М.

Слични содржини