Постојните проблеми и потешкотии кои се среќаваат при откривањето и одземањето на нелегално стекнатиот имот се должат многу повеќе на недостигот на капацитет кај надлежните да ги имплементираат постоечките одредби од претходно наведените закони, а не на самите пропусти во законскиот текст, вели во разговор за „Локално“,Дарко Аврамовски, правен истражувач во Коалиција „Сите за правично судење“.
Во врска со носењето на Законот за потекло на имот, Аврамовски потенцира дека државата не е на чисто „кои сѐ правни прашања и на каков начин би биле решени преку ваквиот закон“, додавајќи дека поради овие причини се одолговлекува процесот на неговото носење.
-Сметам дека ваквиот закон ќе донесе многу повеќе проблеми во практиката отколку што ќе придонесе во борбата против корупцијата и организираниот криминал, вели тој.
Првиот закон за потекло за имот бил изготвен 1974год. во времето на СФРЈ, иако имаше најави во 2021 година дека се подготвува сепак тој се уште е во фаза на изработка.Според вас поради кои причини секоја влада одбива да донесе Закон на имот каде нема да се обидува да се заобиколат законите?
-Најнапред морам да истакнам дека целиот овој процес се одвива доста тајно и мистериозно, па така во јавноста се споделуваат само некои многу општи информации, како тоа дека е започнат процес за носење на ваков закон, а притоа не се споделуваат никакви поконкретни информации. Поради тоа, јавноста сѐ уште не знае со сигурност која е целта на законот кој се подготвува, дали ќе станува збор за воведување на in rem конфискација, односно конфискација вон кривична постапка (граѓанска конфискација), или пак ќе станува збор за закон кој би требало да ја зајакне превентивната улогата на ДКСК, или пак контролната улога на УЈП, потоа во колкав обем и на кој начин. Во таа смисла, сметам дека и самата држава не е сосем на чисто кои сѐ правни прашања и на каков начин би биле решени преку ваквиот закон, поради што и самиот процес на донесување на законот е несвојствено долг и нетранспарентен.
На функционерите кои не го пријавиле имотот во анкетниот лист може да им се изрече глоба, но доколку имотот не е регистриран во Катастар од ДКСК пососчуваат дека во овој случај тие имаа проблем. Дали во овој случај може да се пројават коруптивни дејства?
-Факт е дека треба да се работи на понатамошно зајакнување на капацитетите на ДКСК за да може поефикасно и поефективно да ги извршува своите законски надлежности, меѓутоа треба да се има предвид дека ДКСК е само еден дел од борбата против корупцијата. Наспроти превентивната улога на ДКСК, јавното обвинителство како главен носител на репресивната улога во процесот на сузбивање на корупцијата може да поведе постапка против функционерите кои не го пријавиле имотот, а со цел да се открие евентуално противправно стекнување и прикривање имот кое е казниво по член 359-а од Кривичниот законик, па согласно тоа и ваквото поведение да биде санкционирано, а имотот да биде одземен.
Дали сега постојат одредени правни механизми преку кои може да се постапи за да се открие корупција во овој сегмент?
-Секако. Согласно Кривичниот законик (КЗ) и Законот за кривичната постапка (ЗКП), никој не може да ја задржи имотната корист која е стекната со сторување на кривично дело, вклучително и трети лица на кои е пренесен нелегално стекнатиот имот, а во определени случаи нелегално стекнатиот имот може да се конфискува и во случаите кога не е можно водење на кривична постапка поради застареност, постоење на имунитет, смрт на лицето кое го сторило кривичното дело преку кое е стекната незаконска имотна корист итн. Слично вакво решение има и во Законот за данок на личен доход, каде е предвидено дека преку посебните даночни постапки, УЈП може да изврши оданочување на непријавениот доход со стапка од 70%.
Се согласувам дека на постојните законски одредби им е потребно осовременување и унапредување со цел да може да максимално да се исползуваат придобивките на конфискацијата на имот, меѓутоа е забележано дека истите речиси и воопшто не се користат во практиката, па така сметам дека постојните проблеми и потешкотии кои се среќаваат при откривањето и одземањето на нелегално стекнатиот имот се должат многу повеќе на недостигот на капацитет кај надлежните да ги имплементираат постоечките одредби од претходно наведените закони, а не на самите пропусти во законскиот текст, особено затоа што со измените на ЗКП и КЗ во голема мера би се надминале ваквите проблеми.
Кој е вашиот предлог во однос на овој Закон?
Сметам дека ваквиот закон ќе донесе многу повеќе проблеми во практиката отколку што ќе придонесе во борбата против корупцијата и организираниот криминал. На почетокот го спомнавте Законот за пријавување и испитување на потеклото на имотот од Југославија, кој закон е укинат со причина и тоа токму поради несаканите ефекти, како и злоупотребата на законот, односно одземање на имоти на граѓаните кои легално ги поседувале, без притоа да постои некаков видлив резултат во борбата со нееднаквоста и неправичноста. Со вакви проблеми се имаат соочено голем дел од земјите каде се среќава зачестена борба со организирани криминални групи, па така Италија која предничи во Европа во антимафијашкото законодавство се има соочено со плеада проблеми и загубени случаи пред Европскиот суд за човекови права поради тоа што има воведено законски решенија кои даваат поголема слобода и дискреција на јавните обвинителства и судовите во примена на конфискацијата на имот.
Тоа значи дека откривањето и конфискувањето на нелегално стекнат имот е многу комплексна постапка, бидејќи криминалните групи се вообичаено неколку чекори пред истражните тимови и истите имаат исклучително добри познавање на финансиските текови, економијата и правните прописи, па така прикривањето на нелегалниот имот е несразмено потешко со неговото откривање. Меѓутоа, мора да се има предвид дека мора да постојат безбедносни механизми и гаранции дека државата нема да ги наруши основните човекови права во процесот на борба против корупцијата и организираниот криминал. Притоа е исклучително важно ова да биде согледано низ локален контекст, па така кај нас постои релативно голем број на семејни домови за кои лицата кои живеат во нив не поседуваат докази за нивното потекло, односно дека се стекнати на легален начин, особено во регионите каде и не постојат урбанистички планови. Поради тоа сметам дека е многу поважно да се научиме како правилно и целисходно да ракуваме со овие алатки кои ни се на располагање пред да трнеме во потрага по многу помоќно орудие.
Какви се примерите во регионот и Европа во однос на ова законско решение?
Треба да се има предвид дека во суштина станува збор за прашање на откривање и одземање на нелегално стекнат имот, независно од тоа како се нарекува начинот на одземање, како и во колку различни закони или постапки е предвидено истото. Во таа смисла има многу различни решенија низ цела Европа кои ја регулираат конфискацијата на имот и кои најмногу се условени од правната традиција, култура, историја општествен развој, локални сфаќања, поширокиот економски и општествен контекст во една земја и тн.
Претходно ја спомнав Италија која има посебни антимафијашки закони со кои се таргетираат организирани криминални групи, Ирска има воведено модел на граѓанска конфискација (in rem) каде постои посебна агенција (која наликува на хибрид од ДКСК; УЈП Финансиска полиција и Државен правобранител) и која е исклучително успешна в ооткривање и одземање на нелегално стекнат имот скоро четвртина век, Германија се држи до класичниот пристап на конфискација во кривична (и прекршочна) постапка, со тоа што од 2017 година се направени измени на законите со кои се наложува задолжително изрекување на конфискација во определени случаи. Што се однесува до регионот, во нашето соседство во Србија пред неколку месеци почна да се применува посебен закон за потекло на имот, кој во суштина, додека во Бугарија постои посебен модел на конфискација вон кривична постапка.
Во принцип, не постои унифициран пристап по однос на ова прашање, па така и самиот Европски суд за човекови права има прилично казуистички пристап кога ја оценува компатибилноста на различните модели на конфискација со Европската конвенција за човекови права. Она што може да се извлече како заеднички содржател на сѐ од наведеното е принципот на пропорционалност на мерката со целите за кои истата се применува, па така прагот на толеранција е прилично повисок кога конфискацијата на имот (независно одвидот, моделот и постапката) се користи за сузбивање на организиран криминал и висока корупција. Поради тоа е исклучително важно да се види содржината на овој закон, а со тоа и неговата суштина, цели, опфат и начин на примена.
Б.М.