Изјавите на комесарот Оливер Вархеји за можно разделување на С. Македонија и Албанија на патот кон ЕУ, предизвикаа бура од негодување во кругови на ЕУ и меѓу познавачите на приликите во Југоисточна Европа, пишува австрискиот весник „Стандард“, а пренесува ДВ. Весникот со седиште во Виена тврди дека функционерите на ЕУ не разбираат што му станало на Оливер Вархеи и дека тој веројатно спроведува агенда на Виктор Орбан, за да му помогне на ВМРО-ДПМНЕ.
Висок службеник на Европската комисија за „Стандард“ вели дека изјавите на Вархеји наишле на чудење во Брисел.
„Не разбираме што му стана, ние секогаш велевме и, и понатаму ќе велиме: Северна Македонија ги исполни сите критериуми“.
Службеникот дополнува дека му е нејасно зошто воопшто се шпекулира за разделување на европскиот пат на двете земји, кога одлуката ќе ја донесе Советот на ЕУ, а таму не постојат никакви амбиции за раздвојување.
„Како комесар за проширување тој не смее да си дозволи да се води од лични симпатии“, вели претставникот на ЕУ.
Според весникот, во дипломатски кругови се наведува дека Вархеји баш и не се прославил во однос на поддршката на социјалдемократската влада во Скопје да го надмине ветото на Бугарија.
„ Напротив: Тој дури покажувал симпатии за националистичката позиција на бугарската влада“, пишува „Стандард“.
Еден ден откако комесарот за проширување на ЕУ, Вархеји, најави можност за почеток на преговори со Албанија, а дека Македонија мора да направи договор со Бугарија, премиерот Заев беше категоричен дека не ни треба ЕУ, ако за тоа треба да се даде македонскиот идентитет.
Во очи на претстојниот европски Самит премиерот, Заев денес на средба со шефицата на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен ќе се обидува да ги убеди европските челници дека С. Македонија треба да ги продолжи интеграциите.