Претседателот на Стопанската комора на Македонија и заменик-претседател на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан (КИФ) со седиште во Трст, Бранко Азески, е именуван за член на Советодавниот одбор на Мрежата за деловен развој на Југоисточна Европа (ЈИЕ), информираат од Стопанската комора.
„Преку учеството во оваа организација, Азески ќе го прошири дејствувањето на полето на регионалната економска соработка преку вмрежување на компаниите од државите на Западен Балкан со партнери од Австрија, Германија, Словенија, Хрватска и Унгарија, во насока на обезбедување на забрзан економски раст и просперитет на регионот. Истовремено, преку активностите во оваа организација, ќе се придонесе за поефикасно вклучување на бизнис заедницата од регионот во имплементација на проектите кои се од важност за неговиот економски просперитет, преку вмрежување со носителите на одлуки од регионот на Југоисточна Европа и Европската Унија, како и преку унапредување на политичкиот дијалог“, велат од Стопанската комора.
Мрежата за деловен развој на Југоисточна Европа, додаваат, е организација со седиште во Виена, основана од страна на еминентни менаџери, претприемачи и дипломати од регионот на Југоисточна Европа, Германија и Австрија. Организацијата ги насочува своите активности кон вмрежување на малите и средни претпријатија од регионот на Југоисточна Европа, како и на големите производствени и услужни компании од регионот, со цел иницирање на нови партнерства, креирање на нови бизнис можности, и зајакнување на поддршката за земјите од регионот на Западен Балкан во процесот на пристапување кон Европската Унија.
„Членови на овој одбор, помеѓу останатите, се и Волфганг Петрич, поранешен специјален претставник на ЕУ за Косово и поранешен австриски амбасадор во ОН, Јанез Подобник, директор на Меѓународниот институт за одржлив развој и поранешен министер во Владата на Словенија, Игор Лукшиќ, директор за Прајс Ватерхаус Куперс за Југоисточна Европа и поранешен премиер на Црна Гора, проф. д-р Борис Цизељ, истражувач за меѓународни економски односи и поранешен амбасадор на Словенија во ЕУ и во НАТО, Александар Влаховиќ, претседател на Сојузот на економисти на Србија и поранешен министер во Владата на Србија, и Весна Трнокоп Танта, консултант за јавен сектор и поранешен потпретседател на Хрватската Стопанска комора“, потенцираат од Стопанаската комора на Македонија.