БАЈДЕН НЕНАДЕЈНО КАЈ ЗЕЛЕНСКИ: Историска посета на американскиот претседател на Украина

од Vladimir Zorba
177 прегледи

Американскиот и украинскиот претседател Џо Бајден и Володимир Зеленски разговараа во Киев за оружје со долг дострел и нов пакет воена помош, објави украинскиот претседател.

Претседателот на САД утрово допатува во ненадејна посета на Киев.

Зборувајќи по разговорите, Зеленски рече дека воената поддршка ќе биде вредна 500 милиони долари, а повеќе детали ќе бидат објавени во вторник.

Белата куќа се огласи и по пристигнувањето на Бајден во Киев.

„Додека светот се подготвува да одбележи една година од руската брутална инвазија на Украина, денеска сум во Киев за да се сретнам со претседателот Зеленски и да ја потврдам нашата непоколеблива посветеност на демократијата, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Кога Путин ја започна својата инвазија пред речиси една година, Мислеше дека Украина е слаба, а западот е поделен, мислеше дека може да не надживее, но не беше во право.

Денеска во Киев се среќавам со претседателот Зеленски и неговиот тим за поширока дискусија за нашата поддршка за Украина. Ќе објавам уште една испорака на критична опрема, вклучувајќи артилериска муниција, противтенковски системи и радари за воздушно набљудување, за заштита на украинскиот народ од воздушни бомбардирања. Подоцна оваа недела ќе објавиме дополнителни санкции против елитите и компаниите кои се обидуваат да ја избегнат или надополнат руската воена машинерија“, се вели во соопштението.

Белата куќа додаде дека пакетот ќе вклучува муниција HIMARS, противоклопни системи и радари за воздушно набљудување.

„Во текот на изминатата година, Соединетите Држави изградија коалиција на нации од Атлантикот до Пацификот за да помогнат во одбраната на Украина со невидена воена, економска и хуманитарна поддршка – и таа поддршка ќе продолжи“, се вели во соопштението на Белата куќа.

Слични содржини