Една баба од Лима, Перу, предизвика лавина реакции откако, наместо да се засолни на сигурно, го однела својот внук на брегот за заедно да го гледаат можното цунами.
Во средата наутро, таа ги гледала локалните вести кога слушнала дека е издадено предупредување за цунами поради земјотресот со јачина од 8,8 степени што го погоди рускиот полуостров Камчатка. Наместо да побегне, таа решила да се облече и го однела момчето од нивниот дом до брегот затоа што, како што вели, никогаш порано не видела цунами.
„Сакав да го видам, затоа што никогаш не сум видела цунами“, изјавува таа за „Латина Нотисиас“. „Го донесов и внукот за и тој да види и нешто да научи“, додава бабата.
Новинарите ги изненадил нејзиниот мирен тон, бидејќи многу граѓани во исто време се оддалечувале од морето.
„Ни рекоа дека ова е превентивна мерка, дека не е висок ризик, нели? Така чув. Не се знае колку ќе бидат високи брановите“, објаснила таа.
Снимката со интервјуто брзо се прошири на социјалните мрежи и предизвика остри критики и потсмев меѓу корисниците од Латинска Америка.
Мерки за безбедност и последиците од цунамито
Владата на Перу во средата затвори 65 од своите 121 пацифички пристаништа и ги повика жителите да бидат подалеку од брегот. Предупредувањето беше издадено по силниот земјотрес кај Камчатка што предизвика цунами со висина до шест метри во некои населени области на полуостровот. Во пристаништето Северо-Курилск водата поплави фабрика за преработка на риба, а снимките од руската државна телевизија прикажаа згради и остатоци што завршиле во морето.
Градоначалникот Александар Овсијаников рече дека водениот бран стигнал до споменик на Втората светска војна на околу 400 метри од брегот.
Според официјалните податоци, едно лице загинало, а неколку биле повредени додека бегале од зградите, вклучително и пациент кој скокнал од прозорецот на болницата.

Брегот на јапонскиот остров Хокаидо. Фотографија: Стоп-кадар од видео
Влијанието на цунамито во Јапонија
Во Јапонија, речиси два милиона луѓе беа евакуирани на повисоки подрачја пред предупредувањата да бидат намалени до ниво на претпазливост. Бранови до 70 см беа забележани и во четвртокот долж поголемиот дел од пацифичкиот брег на Јапонија.
Портпаролот на владата Јошимаса Хајаши потврди дека во Јапонија едно лице загинало, а 10 други се повредени, повеќето од нив во Хокаидо. Една жена во нејзините 50-ти години загинала откако со автомобилот слетала од патот над литица додека возела кон центарот за евакуација во префектурата Мие.
Бранови од цунами од околу 1,1 метар висина се забележани и во Кресент Сити, Калифорнија.