Откако вчера настана вистинска драма кај Скопјанка поради купишта искористени пелени во стан на старица, Телма со нови детали за случајот кој ја шокираше македонската јавност.

Телма заѕвони на вратата на овој стан, отвори младо момче кое потресено од целата ситуација не сакало да зборува пред камерата, но им раскажало дека тие како семејство имаат подолго време проблем со неговата баба која е болна и не сака ниту да оди на лекар, ниту да биде згрижена од институциите.
Во подрумските простории во зградата живее и бездомник. И покрај чистењето и дезинфицирањето сеуште таму има огромен број на шишиња за кои претпоставката е дека се полни со урина.
Деведесетгодишната станарка на „Скопјанка“ која користела пелени починала во јануари годинава. Поради остар мирис од насобраните пелени во станот број 11 синоќа беше евакуиран првиот влез од зградата на булеварот „Кузман Јосифовски- Питу“, вриеше полиција, пожарна и брза помош, а дојде и тим на АРМ.

Станарите шест часа не можеа да се вратат дома и беа исплашени и испаничени.- го кренаа цел Аеродром на нозе
Деведесетгодишната жена живеела со 65-годишна ќерка, која е подвижна и не користи пелени за вршење нужда, но по кажувањата на момчето таа била болна и одбивала помош.
– До месец јануари оваа година со неа живеела нејзината 90-годишна мајка која починала. Социјалните работници не се стручни да дадат мислење за здравствената состојба на жената. Во однос на социјалниот аспект констатирано е дека жената има ќерка која согласно со Законот за социјална заштита е должна да се грижи за неа и според нејзина изјава повремено ја посетувала мајката. Жената е корисник на пензија и има стан во нејзина сопственост. Согласно Законот за социјална заштита, Центарот за социјална работа нема надлежност да постапува бидејки ќерката има обврска да се грижи за мајката, за нејзината здравствена состојба и одржувањето на личната и хигиената во станот, се вели во соопштението од Министерството за труд и социјална политика.
Посочуваат дека со оглед на целокупната состојба стручен тим од ЦСР Скопје од Службата за заштита на стари и возрасни лица е на терен за да изврши разговор со ќерката и да и укаже на нејзините обврски согласно со Законот и остварувањето на правата од областа на социјалната заштита. Од Министерството за труд и социјална политика истакнуваат дека социјални работници и во иднина ќе го следат случајот.
– Исто така, сакаме да известиме дека во ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа во изминатиот период во врска со ова немало никаква пријава за постапување и излегување на терен, се додава во соопштението.
Од МВР претпладнето за МИА информираа дека е исчистен станот во зградата во ТЦ „Скопјанка“ во Аеродром, од каде синоќа се ширеше непријатна миризба.
Од страна на екипа на АРМ, со апаратура е констатирано дека се работи за амонијак од употребени пелени. На местото на настанот излегле и служби од Министерство за здравство – Центар за јавно здравје, Дирекцијата за заштита и спасување.