Бајден бесен на Трамп: „Ниту еден претседател на САД не ја наведнал главата пред Путин“

од Stefanija Kuzmanovska
237 прегледи

Американскиот претседател Џозеф Бајден го критикуваше поранешниот шеф на државата Доналд Трамп за неговата изјава дека, доколку победи на изборите, нема да ги брани териториите на оние сојузници во НАТО кои не трошат доволно за одбраната.

Според Бајден, Трамп на тој начин се става во подредена позиција во однос на рускиот претседател и ја охрабрува Русија да нападне една од земјите на Алијансата.

Во специјалното обраќање до граѓаните во врска со пакетот помош за Украина, Бајден рече дека Трамп испратил опасен, шокантен сигнал до светот кој не е во американскиот дух.

„Ниту еден претседател на САД во историјата не ја наведнал главата пред Путин“, истакна Бајден и додаде дека и самиот тој никогаш не го прави тоа.

Како што наведе, тој гледа на НАТО како света обврска, додека неговиот противкандидат на изборите, напротив, ја гледа Алијансата како товар.

„Нема да му го свртам грбот на НАТО. Не можам да замислам некој друг претседател да направи такво нешто. Додека јас сум на позицијата претседател, доколку Путин нападне некој од сојузниците, САД ќе ја бранат секоја педа од територијата на Алијансата“, изјави актуелниот претседател.

Да потсетиме, Трамп рече дека во случај на победа на изборите ќе свика самит на НАТО во јуни 2025 година со цел да се разговара за иднината на Алијансата.

Тој претходно на партиски состанок во Јужна Каролина изјави дека лидерот на една голема земја на НАТО го прашал додека бил претседател дали Америка ќе ја заштити Алијансата во случај на напад од Русија.

Тој му порачал дека нема да го стори тоа затоа што земјите од НАТО не одвојуваат доволно за одбрана и дека згора на тоа, ќе ја остави Русија да прави што сака со оние кои не издвојуваат два отсто од својот БДП за потребите на одбраната на Алијансата.

„Не, во тој случај нема да ве бранам, згора на тоа ќе ги охрабрам да прават што сакаат. Мора да си ја платите својата сметка“, рече тогаш Трамп.

Слични содржини