Бајден: Би било добро Трамп да остане на гласачкото ливче

од Stefanija Kuzmanovska
169 прегледи

Американскиот претседател Џозеф Бајден смета дека е во ред поранешниот претседател Доналд Трамп да остане на гласачкото ливче на претседателските избори во ноември оваа година.

Бајден ова го изјави како одговор на новинарско прашање, непосредно пред да се качи во авион на пат кон воената база Ендрус во американската сојузна држава Мериленд, од каде замина за Флорида, објави NBC News.

Коментарите на Бајден доаѓаат кога Врховниот суд на САД следната недела треба да ги сослуша аргументите во случајот кој би можел да утврди дали Трамп е подобен неговото име да се најде на гласачкото ливче.

Бајден минатиот месец рече дека Трамп „сигурно го поддржувал бунтот“, мислејќи на упадот во Капитол во јануари 2021 година од страна на неговите поддржувачи, откако тој изнесе наводи дека претседателските избори во 2020 година биле наместени. Следната недела Врховниот суд ќе ги сослуша усните аргументи за случајот со гласањето во американската сојузна држава Колорадо, што може да влијае на тоа дали Трамп може да се кандидира на прелиминарните избори на Републиканската партија во таа и во други сојузни држави.

Врховниот суд во Колорадо минатиот месец пресуди дека Трамп ја прекршил одредбата од 14-тиот амандман на американскиот Устав, во кој стои дека американски функционер кој „учествувал во бунт“ не може да извршува јавна функција и поради тоа не може да се кандидира.

Слични содржини