Висок соработник на Атлантскиот совет, Дамир Марушиќ оцени дека, ако демократот Џо Бајден победи на претседателските избори во САД во ноември, неговата администрација ќе се обиде да соработува што е можно повеќе со Германците за Балканот, објави денес Гласот на Америка.
„За Кина се пишува повеќе во Вашингтон, но ми се чини дека администрацијата на Бајден ќе се разликува од сегашната администрација на Трамп, доколку се обидат, барем во првите денови, да се прилагодат на европскиот поглед на ситуацијата“.
„За нив е важно сега некако да ја поправат целата траума што Европејците ја преживеале со Трамп“, рече Марушиќ за ВоА.
Според него, што се однесува до Балканот, администрацијата на Бајден ќе се обиде да соработува многу повеќе со Германците и тоа „ќе има многу влијание“ на преговорите меѓу Србија и Косово.
„Што се однесува до експертите, во администрацијата на Бајден има луѓе кои добро го познаваат Белград и добро ја разбираат ситуацијата таму. Мислам дека треба да видиме каква политика ќе дојде од Берлин и мислам дека Бајден повеќе или помалку ќе го стори истото“, додаде експертот.