Бајден и Макрон повторно разговараа за кризата со подморниците

од Vladimir Zorba

Американскиот претседател Џо Бајден и Французинот Емануел Макрон разговараа телефонски во петокот за да ги смират несогласувањата по кризата со подморниците, а Белата куќа ја потврди посетата на американскиот потпретседател Камала Харис на Париз.

Двајцата лидери разговараа за неопходните напори за зајакнување на одбраната на Европа, истовремено гарантирајќи ја комплементарноста со НАТО, соопшти американската влада, пренесе Хина.

Разговорот меѓу Бајден и Макрон се одржа во пресрет на нивната средба на Г-20 во Рим на крајот на октомври, по што следи посетата на Париз на Камала Харис на 11 и 12 ноември, кога ќе биде примена од претседателот Макрон.

Харис и Макрон „ќе разговараат за важноста на трансатлантските односи за светскиот мир и безбедност и ќе инсистираат на важноста на нашето партнерство за планетарните предизвици како што се Ковид-19 и климатската криза“, соопшти Белата куќа.

Разговорите меѓу двајцата лидери и посетата на Камала Харис треба да ги подобрат односите меѓу Париз и Вашингтон по кризата предизвикана од најавата за нов сојуз меѓу САД, Австралија и Велика Британија.

Тоа партнерство наречено АУКУС го предизвика гневот на Франција бидејќи пропадна мега договорот за австралиско купување француски подморници.

Тоа е најсериозната дипломатска криза меѓу историските сојузници од француското „не“ на војната во Ирак во 2003 година.

Слични содржини