Американскиот претседател Џо Бајден му соопштил на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека ќе го признае масакрот врз Ерменците извршен од турските османлиски сили на почетокот на 20 век како геноцид.
Бајден се очекува да го употреби зборот геноцид во изјава во сабота, по повод денот на сеќавање на геноцидот над Ерменците и со тоа да го исполни ветувањето од предизборната кампања, објави „Блумберг“ повикувајќи се на добро упатени извори.
Така тој ќе биде првиот американски претседател по 40 години што го нарекол геноцид злосторството извршено во 1915 година.
Белата куќа не го спомна ова во соопштението објавено по повод телефонскиот разговор на Бајден со Ердоган, во кое се наведува само дека Бајден му рекол на турскиот претседател дека е заинтересиран за „конструктивни билатерални односи, со проширени полиња за соработка и ефикасно управување на темите за кои не се согласуваат“.
Тие се согласиле да се состанат за време на самитот на НАТО во Брисел во јуни, објави Белата куќа.
Роналд Реган беше последниот американски претседател кој зборуваше за геноцидот врз Ерменците во 1981 година, но наскоро ги повлече овие изјави по притисокот од Турција.
Ердоган ги критикуваше другите земји, кои масовните егзекуции, масакри и протерување на Ерменците ги нарекоа геноцид, па затоа се очекува дека декларацијата на Бајден ќе ги разниша односите на сојузниците на НАТО, според Блумберг.