Американскиот претседател Џозеф Бајден на 6 јануари ќе ја одбележи третата годишнина од нападот на Капитол со политички говор во Вали Форџ, во близина на историското место на американската револуција, каде ќе потсети дека неговиот најголем републикански ривал Доналд Трамп е егзистенцијална закана за демократијата, соопшти менаџерката на кампањата на Бајден, Џули Чавез Родригез.
По говорот во близина на воениот камп во Пенсилванија, Бајден ќе ја посети црквата во Чарлстон, Јужна Каролина, каде што бел супрематист уби деветмина парохијани на историски црната црква во 2015 година, како дел од изборната кампања, во понеделник, 8 јануари, известува „Ројтерс“.
Бајден ќе се фокусира на она што кампањата го опиша како зголемена закана од политичко насилство.
Заедно, двете посети ќе го претставуваат најдиректниот јавен напад на Бајден во овој изборен циклус врз Трамп и Републиканската партија, бидејќи тој помина голем дел од 2023 година промовирајќи го своето законодавство и економија.
„Изборот на гласачите следната година нема да биде само избор меѓу различни филозофии на владеење. Изборот на американскиот народ во ноември 2024 година ќе биде за заштита на нашата демократија и основните слободи на секој Американец“, рече Џули Чавез Родригез.
Илјадници поддржувачи на Трамп упаднаа во американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година во обид да спречат формално да се потврди изборниот пораз на републиканскиот претседател.
Во немирите животот го загубија четворица граѓани и еден полицаец, а причинета е штета од еден милион долари.
Дополнително, четворица полицајци во меѓувреме си го одзедоа животот, а 140 други се повредени.