„Бајден прати порака до негаторите, мрчаторите…“ВМРО-ДПМНЕ и Левица против Преспанскиот договор

од Берта Китинска
259 прегледи

САД како најголем стратешки партнер на  Македонија испрати порака  за еден куп „негатори, мрчатори, поткопувачи, блокатори“ и слично дека ова е пресериозна работа за да може некој да си прави политиканство на нездрави основи, вели премиерот Зоран Заев во врска со декретотод страна на Џо Бајден.

Премиерот додаде дека ова значи ветер во грб за сите што веруваат во демократијата, во слободите и во отклонувањето на девијантните појави во општеството.

„САД, најсовршената демократија, така да ја кажам, ја испраќа оваа чиста порака за нас и тоа е сериозна порака на охрабрување. Така што и покрај охрабрување и дополнителна мотивација дека сме на вистинскиот пат, дека тоа е патот по којшто целиот демократски свет очекува да се развива иднината на сите земји па така и за нашата демократска земја, нашата република“, потенцираше Заев.

ВМРО-ДПМНЕ законски го почитува Договорот од Преспа, велат од опозициската партија еден ден откако американскиот претседател Џо Бајден потпиша указ за суспендирање на лицата  кои работат против овој и други  слични договори на Балканот. Добрата работа во врска со декретот на администрацијата на Бајден, според Антонио Милошовски, е заложбата за казнување на сите инволвирани во корупција.

„Левица“ не ја смени својата позиција и нејзиниот претседател Димитар Апасиев доброволно побара од САД да го стават на црната листа, бидејќи нема да ги признае ниту Договорот од Преспа ниту Охридскиот договор.

„Договорите како Рамковниот договор и тој од Преспа, и на Бугарија промовираат регионална нестабилност, а не обратно. Искуството со години покажа дека Охридскиот договор е само средство за задоволување на тесните партиски интереси на ДУИ, која е на власт 20 години. Посветена на левичарската традиција до крај, „Левица“ ќе продолжи да се спротивставува на сите штетни политики и договори кои се спротивни на националните интереси, утврдени од АСНОМ“, наведоа од Левица.

Владата вели дека администрацијата на Бајден ја потврдила поддршката за напорите за стабилност во регионот.

Претседателот на САД, Џо Бaјден потпиша указ за замрзнување на имотите, и забрана за влез во САД на оние кои работат против Преспанскиот и Охридскиот договор, и кои го загрозвуваат мирот и регионалната соработка. Извршната наредба се однесува на поткопување на повоените договори, и институцие по распаѓањето на поранешна СФРЈ, но исто така ја вклучува и Република Албанија. Тој се осврнува и на широко распространетата корупција во владите и институциите на Западен Балкан, што го попречува напредокот кон ефективно и демократско управување, и целосна интеграција на регионот во евро-атлантските институции, кои се закана за националната безбедност и надворешната политика на САД.