Бајден воведе ограничени мерки за контрола на оружјето

од Stefanija Kuzmanovska

Претседателот на САД, Џо Бајден и јавниот обвинител Мерик Гарланд во четвртокот претставија ограничени мерки за решавање на вооруженото насилство, потег што Белата куќа го нарече првиот чекор во борбата против масовните пукања, крвавите пресметки во населбите и самоубиствата.

Новите мерки на Министерството за правда ќе се обидат да го елиминираат домашното оружје, а „стабилизирачките ленти“ што пиштолите ги претвораат во пушки, ќе мора да бидат пријавени и регистрирани во согласност со законот за огнено оружје.

„Стабилизирачки ленти“ се додатоци на модерното оружје што ги заменуваат кундаците и му овозможуваат на корисникот да пука со една рака.

Бајден, исто така, рече дека ќе побара од Канцеларијата за алкохол, тутун, огнено оружје и експлозиви да објави редовен, годишен извештај за илегалната трговија со оружје во САД за да помогне во идентификување на ризични лица кои дошле во посед на огнено оружје.

Според него, ова се мерки за борба против вооруженото насилство, кое прерасна во јавна здравствена криза. Бајден, повикувајќи се на масовно пукање во кое поранешен професионалец во НФЛ, афро-американецот Филип Адамс, уби пет лица во четвртокот, а потоа изврши самоубиство, рече дека станува збор за „епидемија што мора да се запре“.

Меѓу денешните жртви има и две деца на возраст од девет и пет години.

Потпретседателот Камала Харис рече дека „нацијата доживеала повеќе трагедии отколку што може да се справи“ и дека луѓето од обете страни на политичкиот спектар бараат акција.

„Единствено што останува е волја и храброст да се дејствува“, рече Харис.

Мерките презентирани од Бајден денес не се исполнување на сите ветувања од претседателската кампања, ниту се законодавни акти, но Белата куќа посочува дека претседателот ќе продолжи да го притиска Конгресот да преземе поагресивни чекори поврзани со контролата на оружјето и намалувањето на вооружено насилство.

Вториот амандман на Уставот на САД го штити правото на поседување оружје.

Слични содржини