Францускиот премиер Франсоа Бајру денеска изјави дека е неопходно итно намалување на буџетскиот дефицит за да се заштити земјата од „цунамито на дестабилизација“, кое го вклучува и сè поагресивната Русија, но и трговската војна што ја започна американскиот претседател Доналд Трамп.
Како што јави Ројтерс, на прес-конференција во Париз, Бајру оцени дека едностраните потези на Трамп, вклучително и воведувањето царини и влошувањето на односите со сојузниците, сериозно ја разнишале довербата во меѓународниот поредок.
„Претседателот на САД пушти ураган чии последици нема да завршат наскоро. Како војната да не е доволна, светот сега е погоден од цунами на дестабилизација“, рече Бајру.
Иако не наведе конкретни мерки, Бајру ја отфрли можноста за зголемување на даноците и најави дека буџетските консултации ќе бидат завршени пред државниот празник на 14 јули, со цел да се забрзаат фискалните реформи.
Тарифите на Трамп ја нарушија довербата ширум светот
Францускиот премиер Франсоа Бајру денеска изјави дека царините наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп ја нарушиле довербата ширум светот, опишувајќи го како „цунами на дестабилизација што ги загрози темелите на меѓународниот поредок“.
„Фактот дека оваа сила се најде на страната на агресорот претставува драматичен пресврт на настаните, предупредувачки сигнал што ја поткопува нашата основна визија за светот“, рече Бајру, говорејќи на прес-конференција за плановите за буџетот за 2026 година, објави Ројтерс.
Тој предупреди дека Франција се соочува со „момент на вистината“ кога станува збор за средување на јавните финансии.