Балансерот е минато, „замената“ звучи убаво, но реалностa е многу посложена: Дали повторно кандидати ќе се пишат различна националност за да се вработат државно?

Законот за правична застапеност не е доволен само на хартија: „Наследникот на балансерот може да предизвика политички и меѓуетнички тензии кои ќе имаат ефект врз резултатите на следните избори“

од Nikola Popovski
48 прегледи

Владата го усвои Предлог-законот за правична застапеност. Оттаму велат дека има за цел да создаде јавна администрација која ќе биде сервис на сите граѓани, администрација заснована на знаење и квалитет. Законот за правична застапеност ќе оди прво пред Венециската комисија, а потоа во Собрание пред пратениците, кога ќе се интервенира и со подзаконски акти. Надлежните тврдат дека по укинувањето на балансерот, вработувањата ќе бидат врз база на компетентност, квалитет и професионалност. Од Владата се сигурни дека новите законски решенија ќе бидат пресвртница во реформата на јавната администрација.

Еден кандидат за пет работни места се пријавил под три различни националности – бил Ром, па Турчин, па Македонец, односно како се барало во огласот за вработување, така се изјаснувал. Ова е само еден од примерите во 2022 го објави Антикорупциската комисија за тоа како „функционираше“ претходникот „Балансер“ – алатка воведена во 2016 година за да помогне за соодветна и правична застапеност на етничките заедници при вработувањта во администрацијата.

Дел од јавноста е сепак скептична за наследникот на „Балансерот“. Уште дотоколку што се уште не е објавен текстот од предлог-законот. Според поранешниот пратеник и аналитичар на состојбите, Зуди Џелили сето ова во теорија звучи убаво, но, реалноста е посложена. Прашува дали може да има вистинска меритократија во општество каде што сè уште нема вистинска еднаквост и каде што постои етничката дискриминација и е секојдневие.

Зуди Џелили

-Критиките од опозициските партии, особено од Европскиот фронт не се без основа: Ќе се гарантира ли правичната застапеност на Албанците и другите заедници? Ќе се спречат ли злоупотребите под изговор на „професионализам“? Кој ќе ја мери „меритократијата“ и по чиј стандард? Историјата нè има научено дека токму преку т.н. „технички реформи“ често се прават чекори наназад во еднаквоста и застапеноста. Затоа, ако навистина сакаме да ги задоволиме сите, не е доволно само еден закон на хартија, вели Џелили за „Локално“.

За екс-пратеникот потребни се уставни и институционални гаранции, независен надзор, вклучување на забелешките на опозицијата, и пред сè, искрена политичка волја за вистинска правда и еднаквост. Џелили поставува и други дилеми, пред се, што со ваакумот до донесувањето на законот (полнење на институциите со етнички вработувања) затоа што, како што вели, законот не предвидува казни за тиа што не го почитуваат.

-Дали да ѝ се верува на Тања Каракамишева која раководела со комисијата за подготвување на законот која е контроверзна во врска со рамноправноста на Албанците во Македонија. Верувам дека законот нема да помине, констатира Џелили.

Евидентно е дека предлог-законот ќе биде важна тема до следните локални избори и истиот може да предизвика политички и меѓуетнички тензии кои ќе имаат ефект врз резултатите на следните избори. Според аналитичарот Александар Илиев, покрај дискусијата како до професионална администрација во која има правилен етнички баланс, веројатно ќе се дискутира и за начините за докажување на етничка припадност.

-Важно е да се напомене дека поранешниот закон со кој се регулираше правичната застапеност имаше аномалии во примената. Претходниот закон, кој беше укинат од Уставен суд, создаваше состојби во кои лица декларираа дека припаѓаат на одредена етничка група според потребите на огласот. Важно е да се напомене и дека во државата реално не постои документ со кој се потврдува етничката припадност. Истовремено со претходниот закон се правеше професионалните компетенции потребни за вршење на одредена должност беа помалку важни од етничката припадност. Оттука, реално постоеше потреба во новиот предлог закон да се најде правилниот баланс меѓу потребата да имаме професионална администрација и потребата да постигнеме правилна етничка застапеност, истовремено спречувајќи манипулации во процесот на докажување на етничката припадност, вели Илиев за „Локално“.

Очекувано е, смета соговорникот, тоа што новиот предлог закон е критикуван од опозицијата, а бранет од власта. ДУИ обвинува дека предложениот закон не дава јасни овластувања за одговорност на институциите кои нема да го почитуваат законот, дека истиот не е применлив во пракса и дека не е уставен.

-ДУИ нагласува дека постои можност Албанците да не се рамноправно застапени, бидејќи нема сигурен механизам како да се натераат институциите да го спроведуваат новиот закон. Од друга страна, власта нагласува дека предлог законот ги прави професионалните компетенции поважни од етничката застапеност со што ќе се добие подобра администрација. Понатаму, со предлог-законот власта предвидела создавање координативно тело кое ќе се грижи за рамноправната застапеност, раководено од вицепремиер со ресорните министри и од Агенцијата за администрација. Може да се заклучи дека според новиот предлог закон координативното тело ќе ја има обврската да изнаоѓа креативни начини како да се добие професионална администрација истовремено постигнувајќи и рамноправна етничка застапеност. Реално е да се очекува дека ќе има предизвици во работата на ова координативното тело бидејќи координацијата е секогаш тешка, посочува Илиев.

Александар Илиев

Критиките од власта, додава аналитичарот, треба да се гледаат и како индикатор каде треба да има подобрување. Меѓутоа, тешко е да се задоволат истовремено сите оние кои пред се сакаат квалитетна администрација и оние кои им е најважно да ги задоволат интересите на својата етничка група.

-Затоа е добро е тоа што власта остава простор за измени и подобрувања на предлог законот. Припадници на Владата истакнуваат дека законот ќе се прати за мислење до Венецијанската комисија, а дури потоа ќе оди на расправа во Собранието. Исто така, министерот Горан Минчев нагласува дека моделот на правична застапеност ќе се донесува со подзаконски акти. Следствено, за донесување на квалитетен закон е добро опозицијата да критикува, но и да дава конкретни предлози за подобрување на законот.  Истовремено, власта треба да е отворена за подобрувања на законот. Логично е да се очекува дека во следните месеци ДУИ ќе продолжи во критиките, бидејќи тоа е наметнато од изборната логика. Сепак, покрај критика, ДУИ е логично да подготви предлог амандмани во однос на законот и да дискутира во насока на негово подобрување. На крај, со сигурност ќе има незадоволни, но најважно е нивниот број да е помал, оценува Илиев.

Соодветната и правична застапеност на етничките заедници при вработувањата во администрацијата беше една од точките на Охридскиот рамковен договор и по усвојувањето на Уствните амандмани во 2001 година и последователните реформи, без сомнение, значително се зголеми бројот на припадниците на немнозинските заедници во јавната администрација. Со тоа се зголеми бројот на вработените во јавниот сектор и според стандардите Северна Македонија доби умерено голем јавен сектор, а мала стапка на задоволство кај граѓаните од користењето на јавните услуги на централно и на локално ниво.

Определбата за постигање соодветна и правична застапеност на немнозинските заедници се рефлектира врз исполнувањето одредени прагови за нивно вработување (присуство) во јавниот сектор а таа се постигнува преку соодветни методологии за вработување во јавен сектор. Воведувањето на методологиите и на инструментите резултираше со поголема етничка застапеност на различни групи граѓани во органите на централната власт, во органите на единиците на локалната самоуправа и во јавниот сектор во целина.

Н.П.

Слични содржини