РКЕ минатата година издаде 267 дозволи за производство на зелена електрична енергија, во просек по една на работен ден. Бројката покажува дека Северна Македонија е Елдорадо за инвестиции во зелена енергија, посочи првиот човек на комисијата Марко Бислимоски. Вкупниот енергетски капацитет на новите електрани е над 150 мегавати, пишува порталот „Балкан Енерџи“.
Додаваат дека најголем дел од инвестициите се во соларни централи, за кои се издадени дозволи за вкупно 106,5 мегавати.
-Што се однесува до ветерниците, РКЕ одобри почеток на работа за 36 мегавати. Дозволи се издадени за мали хидроцентрали за 7,2 мегавати, а за биогас термоелектрани за 2,5 мегавати. Постројките изградени во 2022 година можат да ги задоволат потребите на 65.700 домаќинства со просечна потрошувачка на електрична енергија, соопшти регулаторното тело, се посочува во објавата.
Порталот се задржува на изјавите на првиот човек на РКЕ, Марко Бислимовски.
-Бислимоски додава дека енергетската криза, колку и да била неповолна, поттикнала голем број бизнисмени да инвестираат во фотоволтаични централи, нагласувајќи дека со нив можат целосно да ги задоволат сопствените потреби за електрична енергија во сончевите денови. Бислимоски смета дека овој тренд ќе продолжи, а во 2023 година очекува на мрежата да се приклучат уште 250 до 300 мегавати од обновливи извори, стои во текстот.