Енес Омерагиќ влезе во обложувалница и ладнокрвно уби двајца војници. Здогледа и трет и пукаше кон автобус полн со патници. За среќа, сите преживеаја.
Тоа се случи само пет дена по нападот во Париз. Тоа беш прв терористички напад по Париз. Се случи во Сараево. Во држава која веќе со години од светските политичари и медиуми е апострофирана како исламистичко легло во срцето на Европа.
Леглото од кое ќе експлодира радикална исламска офанзива на Западна Европа. И додека медиумите и политичарите беа фокусирани на Босна и Херцеговина, радикалниот ислам се шири на Балканот, во Србија, Македонија, Косово, Албанија.
Преку интернетот и социјалните мрежи, идејата за Ал Каеда, па потоа и ИД, го наоѓаа патот до радикалните делови на локалните исламски заедници и до сиромашната и необразувана популација во овие региони.
Кога во Сирија почна војната сите против сите, беше доцна. Сирија ја преплавија муслимански борци од Балканот. Околу 700 од нив од овие земји отидоа да се борат во редовите на ИД, но и во Фронтот Ал-Нусра. Според достапните податоци, Босна и Херцеговина е четврта држава во светот според бројот на нејзините жители кои и се приклучија на ИД.
Само оваа година 92 државјани од БиХ и се приклучиле на оваа организација. Веднаш зад БиХ, е Косово од каде во ИД годинава заминале 83 борци.
Пораки на интернет
Според проценките на експертите по безбедност, во последните 15 години на подрачјето на Балканот е создадена квалитетна мрежа на ќелии на радикални исламистички групи подготвени да појдат во борба против западната цивилизација.
Министерот за внатрешни работи на БиХ зборува дека само во таа земја има околу 3.500 вахабисти, кои се сметаат за основни пропагатори на радикалниот ислам и тероризмот. Но, проценките зборуваат дека бројката е многу поголема.
Земјите од регионот се почесто се наведуваат во видео пораки на џихадистите кои се закануваат дека ќе ги нападнат, запалат, ги повикуваат домашните муслимани да почнат света војна. Последната таква порака се појави пред неколку дена.
– Тоа е објава на војна, ни вели соговорник запознат со целата ситуација.
Значи, дали Балканот е нов фронт на ИД? Разговаравме со повеќе експерти по безбедност запознати со дејствувањата на радикалните исламисти на подрачјето на целиот регион и заклучокот, без намера за ширење на паника, е дека Балканот е загрозен.
– Најзагрозени се Босна и Херцеговина, Косово и Албанија. Целта е ИД и други радикални групи да го урнат концептот на заеднички соживот меѓу муслиманите и христијаните. Овие три држави се како создадени за тие планови, тврдат нашите соговорници.
Според нив, муслиманите во Косово и Албанија се далеку порадикални од муслиманите во БиХ. Проблемот е во тамошните исламски заедници, кои се поделени и испреплетени со радикални елементи.
Слична е и состојбата во Македонија. Според нашите соговорници, најпроблематично е во западна Македонија во која има многу радикални исламски Албанци, кои соработуваат со истомислениците во Албанија и се во судир со секуларните Албанци, националистите и македонската држава.
Во БиХ, Исламската заедница прилично е единствена во осудата на радикалните исламисти и се обидува да ја смири состојбата. Но, според достапните информации, бројот на радикализираните муслимани е се поголем.
Слична е состојбата на Санџак, кој треба да се гледа како територијална целина, која ја опфаќа Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
– Муслиманите од Санџак се далеку најрадикални, тврди еден од соговорниците. Во тамошната Исламска заедница веќе со години трае судир меѓу две струи што само оди на рака на понатамошна радикализација.
Разузнавачките податоци говорат дека дел од вахабистите од БиХ се преселуваат на подрачјето на Санџак во Србија.
Висока подготвеност
Сето тоа се случува на вратите на Хрватска која во очите на исламските радикали е најистурена земја од крстоносниот запад. Дали поради тоа е загрозена и треба да се плаши од напади од ИД?
Нашите соговорници тврдат дека место за паника нема, иако апсолутно никој не може да гарантира целосна безбедност. Разузнавачката заедница будно го следи развојот на состојбите во целиот регион и е во најголем степен на будност. Соработката со разузнавачките служби на соседните земји е исклучително добра.
Нашите соговорници посебно ја пофалија улогата на Исламската заедница во Хрватска, која според нив, треба да биде пример и за другите земји.
Според достапните податоци, во Хрватска во овој момент има од 50 до 70 лица кои се квалификуваат како екстремни исламисти, а пунктови на нивните делувања се Пула, Риека и Загреб и сите тие се под надзор на службите и за сега не е забележано нивно делување кое би одело кон некои терористички операции.
Најрадикален обид за врбување е забележан лани кога дел од нив биле фатени при делење на светата книга Куранот на минувачи на улица. Нашите соговорници укажуваат на фактот дека припадниците на муслиманската заедница во Хрватска спаѓаат во образованиот и богат слој на општеството и како такви едноставно е тешко или невозможно да се придобијат за радикални ставови.
Многу поплодно тло се конвертитите кои преминуваат од христијанство во ислам. Најдобар пример се Дора Билиќ и Ирена Хорак кои по радикализацијата завршија во редовите на Ал Каеда.
Досегашните обиди за одење на хрватски граѓани од Хрватска на боиштата во Сирија успешно се спречени. Како што дознаваме, еден таков случај се случил оваа година, додека лани било спречено одење на едно 16-годишно момче.
Но, припадниците на ИД и тоа како се активни преку социјалните мрежи и се почесто се обидуваат на регрутираат Хрвати. Главно на удар се млади, неприлагодени луѓе од дисфункционални семејства.
Некои наши соговорници укажуваат и на проблемот од миграцискиот бран кој веќе со месеци минува преку Хрватска. Сега веќе е докажано дека еден од терористите од Париз, токму тој канал го користел како рута за доаѓање во Западна Европа, а според неофицијални информации уште двајца терористи на ист начин дошле во Франција.
Она што е проблем е недоволната свест кај граѓаните дека и Хрватска може да биде цел на напади на терористите. Главно сите заборавија дека Томислав Салопек е свирепо убиен во добро организирана акција во Египет, само затоа што беше Хрват или кој уште се сеќава на 12 работници на „Хидроелектрана“, кои во 1993 година беа брутално убиени во Алжир само затоа што не беа муслимани.
Најдобриот показател на недоволната свест на јавноста беше видлив ова лето кога Министертсвото за внатрешни работи ја прогласи за ризична претставата на Дубровничките летни игри настаната според книгата „Елементарни атоми‟ на Мајкл Хулебек, познат по радикалните антиисламистички ставови. Претставата прво беше забранета, а потоа сепак се одржа под полициска заштита.
Поради таквите безбедносни проценки полицијата се најде под невидена лавина на критики, а никој не го постави прашањето дали всушност на тој начин беше спречен можен терористички напад, туку тоа беше прогласено за полициски удар врз слободата на изразување.
Радикалите во Косово
Првите радикални исламисти на овие простори стигнаа со војната во Босна, кога тогашното босанско раководство одобри влез на странски борци од исламските држави во Армијата на БиХ, па во 1993 година беше основана бригадата Ел Муџахид.
По крајот на војната поголем дел од борците останаа во БиХ, добија државјанство, основаа семејства и ги ширеа идеите на радикалниот ислам преку образовните и други институции во кои добро се позиционираа. Веќе во 1998 година радикалните исламисти најдоа ново подрачје на делување, а тоа е Косово, каде Албанците се судрија со режимот на Милошевиќ, како и во Македонија.
На просторот на Санџак во Србија вахабиите се појавија во почетокот на 2000 година и преку ноќ настанаа институции во кои се проповеда вахабизмот. Цел на вахабистите се социјално загрозени слабо образовани луѓе.
Постоеше силна врска со вахабисте во Босна и многу вахабисти од Санџак одеа во кампот во Горња Маоча, поранешен центар за обука на вахабисти. Властите во БиХ во тоа не видоа проблем и премолчено ги штитеа таквите вахабистички центри.
Така беше се додека Мелвид Јашаревиќ во 2011 година не запука брз зградата на Амбасадата на САД во Сараево и рани три лица. Јашаревиќ е вахабист од Нови Пазар и отишол во вахабискиот камп во Горња Маоча.
Со потекло од Нови Пазар е и Сеад Плојовиќ, кој во Хрватска се обиде да основа вахабиско движење. Денес му се суди во Србија за поттикнување на тероризам.
Друг најпознат локалитет е Горња Бочина во која главен водач беше имамот Нусрет Имамовиќ, кој се сметаше за водач на вахабистичкото движење во БиХ. И кон него тамошните власти беа амбивалентни или премолчено го поддржуваа.
Имамовиќ избега во Сирија во редовите на Фронтот Ал Нусра, а САД го стави на листа на најбарани терористи и го прогласи за терористички лидер во БиХ. Познавачите на состојбите во БиХ тврдат дека моментно не постои некое силно јадро на вахабисти во БиХ.
Имамовиќ е во Сирија, а Билал Босниќ, уште еден од најпознатите водачи на вахабистите во БиХ, е осуден на седум години затвор поради поттикнување на тероризам.
Повратници од Сирија
Но, затоа постојат многубројни помали ќелии на радикални вахабисти. Според најновите податоци, во Босна моменлно има 28 локации на кои делува вахабистичкото движење. Според достапните податоци во БиХ до сега се вратиле околу 50, а во целиот регион околу 150 од нив.
– Заминуваат како екстремисти, а се враќаат како терористи, е една од дефинициите за тие повратници. Бранот повратници сепак се намали со оглед на промената на законските регулативи, со кои заминувањето во странски војни е прогласено за кривично дело.
Засега сите тие се уште можат да се контролираат, но најголем проблем се т.н. волци-самотници кои се радикализираат преку интернет и всушност никој од нивната најблиска околина, а не пак разузнавачките служби, не знаат што се случува со нив.
Според некои информации, во БиХ радикалните исламисти се поделени на следбеници на ИД и на Фронтот ал-Нусра, кој важи за огранок на Ал Каеда.
Но, и едните и другите во своето досегашно терористичко дејствување имаат секогаш исти цели – напаѓаат институции на држави. Полициски станици, амбасади на САД, војници, со што сакаат да покажат дека целта им е да ги урнат институциите на државите.
Центар за организирање на вахабистите на подрачјето на Балканот се смета Виена и радикалниот виенски имам Мухамед Порче. Според тие информации, парите потребни за организација на вахабистичка мрежа прво доаѓаат во Виена, а потоа се распоредуваат по балканските држави.
Во џамијата во Виена порано проповедал оџата Неџат Балкан, кој самиот се нарекува Ебу Мохамед. Токму тој стои зад интернет страницата „Вијести Умета“, која ги славеше нападите во Париз и ги повикува младите муслимани во БиХ да тргнат во пресметка со неверниците.
Стравот од терор расте на Балканот
Кога вториот човек на САД, Џо Бајден 12 часа престојуваше во Загреб, малкумина веруваа дека дошол само како дел од средбата на процесот Брдо-Бриони. Некаде среде говорот, тој ги наведе терористичките закани и галопирачката бегалска криза. Причина поради која и всушност дошол во Загреб.
Можен џихад на Балканот најавија и многу светски медиуми, од „Њујорк Тајмс“ и „Вашингтон Пост“ до угледни европски весници. Од американски извори може да се слушне дека и хрватските служби деноноќно се ангажирани и будно следат се што се случува во соседството, пред се во БиХ и на Косово.
– Го идентификувавме можниот исламски водач во овој регион, кој се грижи и за тие кои како џихадистички борци се враќаат на Балканот, тврдат Американците, но јавно не изнесуваат детали.
Откриени се и видеоснимки на кои се повикува на поставување бомби под автомобили, труење на луѓе, експлозии во куќи.
– Со бројното муслиманско население и слаба економија, сиромашните луѓе посебно се подложни на радикализација, па на Балканот постојано расте стравот од терор. Заканата е реална, а целиот регион е запалив за радикализација, пренесе „Вашингтон Пост“ став на американски дипломат.
– Балканот е плодно тло за ИД, а борците кои се вратиле претставуваат зголемен ризик за ширење на радикализација или подготовки за напади на Балканот и во Европа, оценуваат Американците кои на својот верен партнер Хрватска, во овој чувствителен момент, кога низ земјата поминува река бегалци и наменија и посебна улога.
Хрватските безбедносни служби ќе бидат во целосна подготвеност, ќе следат се што се случува „во регионот‟ и ќе бидат на постојана врска со Вашингтон.
Бајден во Загреб понуди САД да пружи и технички услуги во форма на едукација и набавки на уреди за биометриски скрининг, за што поефикасно да се контролира поминувањето на бегалците.
Состојбата во југоисточна Европа станува многу опасна.
Јутарњи лист – Загреб