Изминатата 2019 година на Балканот ќе биде запаметена по протести, избори, разочарување од политичките одлуки донесени во Брисел, но и желбата за развој на регионалната соработка. Проблем имаше и со бегалците, со што се влоши добрата волја меѓу државите поради потпишаните договори, заканите, наметнувањето санкции и меѓусебните обвинувања за шпионски скандали. Природата исто така го кажа „својот збор“ во регионот, преку поплавите и земјотресите, кои однесоа многу човечки животи и оставија стотици лица без покрив на главата.
Накратко може да резимираме дека 2019 беше многу интересна, привлечна и динамична година.
Избори
На 31-март во Турција се спроведоа избори, во кои опозицијата однесе победи во поголемите градови. Владејачката партија на претседателот Реџеп Таип Ердоган остана најпопуларна во целина, но претрпе пораз во Истанбул и го загуби главниот град Анкара.
Откако Партијата на правдата ги обжали резултатите, Централната изборна комисија го повтори гласањето во метрополата. Силна победа освои социјалдемократот Екрем Имамоглу, кој се прогласи за следбеник на Кемал Ататурк и за кого политичарите веруваат дека би можел да придонесе за помирување во турското општество.
На 5-ти мај, по истекот на вториот круг, Северна Македонија го избра кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски за претседател. Ова беа први избори на земјата под новото уставно име.
На 2 јуни, во Грција се одржаа локалните избори. Конзервтивната партија Нова Демократија, која остро се спротивстави на договорот за името со Северна Македонија, како штетен за грчките интереси, оствари јасна победа.
По поразот, лидерот на владејачката партија „Сириза“, Алексис Ципрас, рече дека треба да се плати политичка цена и поради поделби во коалицијата, си поднесе оставка.
На 7 јули, се одржаа парламентарните избори, во кои победа однесе Нова Демократија, предводена од Киријакос Мицоатакис.
Претседателските избори во Хрватска се одржаа на 22-ри декември.
Според официјалните резултати објавени од Централната изборна комисија, поранешниот премиер Зоран Милановиќ освоил 29,56 % од гласовите, а по него следува сегашниот шеф на државата Колинда Грабар – Китановиќ со 26,75%. Вториот круг од гласањето ќе се случи на 5-ти јануари.
Протести
2019 донесе со себе протести во Србија. Илјадници граѓани излегуваа секоја сабота на антивладините протести во Белград и во другите поголеми градови под мотото „Еден од пет милиони“. Тоа стана популарно откако српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека нема да поднесе оставка дури и ако 5 милиони граѓани излезат на улиците.
Главно барање на демонстрантите беше оставка на српскиот претседател и промена на работењето на јавните медиуми.
Антивладини протести беа организирани и од опозицијата во Албанија, која бараше оставка на премиерот Еди Рама.
На 20 декември, движењето „Самоопределување“ во Тирана протестираше против учеството на претседателот Александар Вучиќ на средбата, популарно позната како „Мини Шенген“. Демонстрантите изјавија дека лице кое не ги признава воените злосторства не треба да во Албанија и да зборува за слободно движење.
Поважни настани од надворешната политика
Несомнено најкоментираниот настан во надворешната политика беше одлуката на Советот на ЕУ од 18 октомври, со која не беше даден датум за почеток на преговорите за членство на Албанија и Северна Македонија. Причината беше несогласувањето на францускиот претседател, Емануел Макрон. Тој рече дека „не сакаме нови членки се додека не ја реформираме самата ЕУ“. Ова предизвика големо разочарување кај граѓаните на обете држави.
Според Европската комисија, Европскиот парламент и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, Албанија и Северна Македонија ги исполниле сите услови за започнување на пристапните преговори со ЕУ. Македонија веќе ги исполни формалните критериуми уште во 2009 година, а заклучно со 2018 година, ова важи и за Албанија. Откако Македонија успеа да го реши спорот за името со Грција, Скопје се надеваше дека конечно ќе добијат зелено светло од самитот на ЕУ.
Во меѓувреме, се појавија тврдења дека „проширувањето на ЕУ е одамна мртво“ и Макрон „штотуку го погреба“. Заедно со критиките, фокусот беше ставен на фактот дека на Западен Балкан треба да му се понуди нешто како привилегирано партнерство, „меко“ проширување или норвешки модел.
Во 2019 година имаше сериозна напнатост во односите меѓу Турција и САД околу одлуката на Анкара да купи руски ракетни системи Ц-400. Американски официјални претставници предложија Турција да купи против-воздушни ракетни системи „Патриот“, бидејќи руското оружје би било некомпатибилно со системите на.Турција одговори дека одбивањето на САД да го продаде „Патриот“ го натерало да бара други продавачи, додавајќи дека Русија нуди подобра зделка која вклучува трансфери на технологија.
Друг извор на тензии на Балканот беше меморандумот на Турција-Либија за разграничување на нивните поморски граници, потпишан на крајот на ноември.
Турција објави мапа на поморските зони „земајќи ги предвид турско-либиските меморандуми“, според која голем дел од грчката ЕЕЗ „оди“ кон Турција.
Атина го критикуваше договорот, велејќи дека Турција влијаела врз суверените права на Грција и се обидува да ја промени картата за ексклузивната економска зона.
Министерот за надворешни работи Никос Дендијас го покани турскиот амбасадор во Атина за објаснување. Подоцна беше повикан амбасадорот на Либија да биде известен дека бил прогласен за персона нон-грата и имал 71 часа да ја напушти Грција.
Портпаролот на турското Министерство за надворешни работи Хами Аксои рече дека меморандумот се заснова на принципите на меѓународното право и островите не можат да создадат област на поморска надлежност надвор од територијалните води.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг рече дека Алијансата има намера да ја задржи неутралноста по прашањето на грчко-турските односи и нема да се меша во спорот.
„И Грција и Турција се вредни сојузници и двете земји придонесуваат за нашата заедничка безбедност“, рече тој.
Мигранти
Од јануари до средината на декември, 70.000 мигранти влегоа во Европската унија нелегално од Турција, што претставува зголемување од 46% во однос на истиот период од 2018 година. Од нив, повеќе од 67.000 дојдоа во Грција и помалку од 200 во Бугарија .
Од почетокот на оваа година, значително се зголеми бројот на мигранти кои бараат азил и нов дом од Турција во земјите на ЕУ.
Според извештајот на Европската комисија, 70.002 лица нелегално влегле во ЕУ 11 месеци и половина. Од нив, 67 741 мигранти пристигнале во Грција, 197 – во Бугарија, 1803 – во Италија и 261 – во Кипар.
Споредено со истиот период во 2018 година, бројот на нелегални влегувања од Турција скокна за 46%, предупредува Брисел.
Европа треба да помогне во справувањето со кризата во Грција, каде околу 5.000 деца мигранти се изложени на ризик од експлоатација и насилство, рече Високиот комесар на ООН за бегалци Филипо Гранди.
За време на посетата на Грција во ноември, тој рече дека ги нашол условите за живот на камповите на островот Лезбос „крајно загрижувачки“ со „генерализирани тензии кои честопати доведуваат до насилство, особено против малолетни лица“.
Во меѓувреме, стана јасно дека илегалните мигранти имаат нова балканска рута, предупредува Федералната полиција на Германија. Трасата поминува низ Турција, Грција, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Трст-Италија, Франција, Германија.