Балтичките земји и Украина најавија бојкот на состанокот на ОБСЕ во Скопје поради доаѓањето на Лавров

од Stefanija Kuzmanovska
282 прегледи

Министрите за надворешни работи на Естонија, Летонија и Литванија денеска соопштија дека нема да присуствуваат на состанокот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа оваа недела во Скопје поради очекуваното присуство на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

„Министрите одлучија да не присуствуваат на состанокот, имајќи предвид дека присуството на Лавров ризикува да го легитимира агресорот – Русија, како полноправна членка на нашата заедница на слободни нации“, се наведува во заедничката изјава на министрите на балтичките земји.

И украинските власти денеска најавија дека ќе го бојкотираат состанокот на ОБСЕ во Скопје поради присуството на Лавров.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ќе го бојкотира министерскиот состанок на ОБСЕ по одлуката да се дозволи учество на Лавров, изјави за AFP портпаролот на украинската дипломатија Олег Николенко.

Најавата доаѓа еден ден откако Бугарија рече дека ќе му дозволи на Лавров да прелета над нејзиниот воздушен простор за да патува на состанокот на ОБСЕ во Скопје, и покрај европските санкции кои ја погодија Русија поради нејзината инвазија на Украина во февруари 2022 година.

„Овластувањето за дипломатско прелетување е од привремен карактер и спаѓа во исклучоците од режимот на санкциите на Европската унија против него“, се вели во соопштението на бугарското министерство за надворешни работи.

Слични содржини